Многу вкусно и декоративно.

Потребни состојки: 500 мл млеко, 9 големи лажици брашно (средно полни), 7 јајца,, 300 г фета сирење, 100 г сусам, 100 г печени кикирики, 3-4 големи лажици павлака

Постапка: во подлабока чинија ставете го брашното и додајте млеко колку да се добие смеса како за палачинки. Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие, па потоа полека додадете ја смесата со брашно. Варете со постојано мешање додека да згусне, но внимавајте да не ви загори.

Тргнете од оган и оставете да излади. Одвојте ги белките од жолчките и пенасто изматете ги во цврст снег. Во изладениот крем додајте ги жолчките, а потоа и снегот од белки. Смесата излејте ја во тепсија 42х28 см обложена со хартија за печење и печете на 170 степени околу 15 минути.

Печената кора ставете ја на влажна крпа (крпата не смее да биде многу влажна, туку само малку), па заедно со хартијата свиткајте во роалт, притоа внимавајќи да не ви испука некаде. Вака оставете да излади.

Додека ролатот се лади, пригответе го филот: Запржете го сусамот малку додека да добие жолтеникава боја. Оставете да излади. Ситно исечкајте ги пржените кикирики. Изрендајте го фета сирењето и соединете го со павлаката и посолете ако е потребно. Додадете ги сусамот и кикириките и соединете.

Одвиткајте го ролатот, премачкајте со фил, оставете неколку лажици за премачкување на ролатот одозгора. Внимателно свиткајте го ролатот, обвиткајте го со хартијата на која се печеше, а исто така и со влажната крпа, па оставете го во фрижидер да излади неколку часови.

Изладениот ролат сечете го со остар нож на парчиња од околу еден сантимер дебелина. Украсете по желба. исто така, филот можете да го менувате и да додадете состојки по ваш вкус.