Нема да згрешите доколку го приготвите овој вкусен месен ролат, зашто може да се јаде топол, веднаш штом го испечете, но може да го јадете и ладен, приготвен неколку часа претходно, дури и од претходниот ден. Се послужува со компир, ориз или како замена за салама во сендвич. Испробајте го рецептот на Анета, еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г свинско мелено месо или по избор, 100 г димена печеница, 1 јајце, 2 лажици лебни трошки/презла, 1 супена лажица сув зеленчуков зачин (вегета), 1 мала лажичка мелена слатка пиперка, половина лажичка сол, малку мелен црн пипер, 2 чешниња лук

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го меленото месо, додајте ги зачините, испасираниот или рендан лук, јајцето и лебните трошки, па измесете со рака додека сето добро да се соедини. Во посебна чинија изрендајте ја моцарелата, а доколку немате во моментот моцарела, користете кашкавал по ваш избор.

Од алуминиумска фолија направете правоаголник, а кој сака врз неа може да стави и лист хартија за печење. Намастете ја внатрешната површина, па преку фолијата/хартијата ставете го приготвеното месо.

Со помош на дланките развлечете го на тенка, правоаголна кора со дебелина од еден прст. На средината распоредете тенко исечена печеница (или сувомеснато по ваш избор, шунка, врат или слично).

Преку печеницата наредете рендан кашкавал или моцарела. Потоа со помош на фолијата подигнете го едниот или двата краја, па направете векна-ролат и дополнително обликувајте со раце доколку има потреба.

Сето заедно сосе фолијата префрлете го ролатот во плехот, прекријте со ново парче алуминиумска фолија (од внатрешната страна може да ја обложите со хартија), па избоцкајте ја неколку места за да може да излегува пареата.

Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени приближно 45 минути, а после тоа отстранете ја горната фолија и оставете го ролатот уште малку да се потпече за да зарумени одозгора. Послужете топло или ладно. Рецепт на Анета / Сооlinarika.сom