КРАЛСКА ТОРТА: највкусната торта на свет и се подготвува без брашно. Рецепт на каналот Вкусна Минута. Тортата се прави многу брзо, а толку е богата и сочна што нема да и одолеете ни додека ја подготвувате. Можеби некогаш сте правеле слична, но на овој начин не сте пробале.




Потребни состојки: 400 г ореви, 10 јајца поделени на белки и жолчки, 240 г шеќер во прав, 2 лажици пченкарен скроб. За крем: 160 г шеќер во прав. 100 мл млеко, 200 г мек путер, неколку капки есенција од ванила, 2 лажици какао.




Постапка: 400 г ореви се ставаат во загреано тавче на средна температура малку да се запржат. Се оставаат да се пржат околу 15-тина минути па се тргаат од рингла и се ставаат на даска за сечење и со поголем н ож се сечат на што поситни делови.




10 јајца се делат на белки и жолчки во два посебни подлабоки садови, па во садот со белки се додава 240 г шеќер во прав. Се мати со миксер додека да се добие форма на шлаг, па се додава и 2 лажици пченкарен скроб и уште малку се разматува.




Во оваа смеса се додаваат ситно сечканите мелени ореви и добро се промешува со рачна маталка. Во поголема тава се става хартија за печење и малку се намастува, па се прелива смесата од шлаг и ореви и добро се распоредува.




Се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30 минути додека да фати убава коричка. Во меѓувреме се подготвува кремот: Во претходно поделените жолчки се додава 160 г шеќер во прав и добро се разматува со миксер.




По соединување се додава 100 мл млеко и повторно се разматува, а потоа смесата се прелива во подлабоко тавче или тенџере и се загрева на умерена температура, но не треба млекото да зоврие. Кремот се трга од рингла пред зовривање.




Кремот се остава малку настрана да подизлади, а во посебен сад се разматува 200 г путер, претходно отстоен на собна температура. Во разматениот путер се прелива кремастата смеса и повторно се разматува.




Во кремот се капнува неколку капки екстракт од ванила и се наросува со 2 лажици какао. Смесата добро се промешува прво со рачна маталка, а потоа се мати со миксер до соединување.




Печената кора која малку се подизладила, се сече на краевите и се тргаат настрана. Кората се сече на 3 еднакви делови, по избор вертикално или хоризонтално. Едниот дел од кората се става на рамна чинија и се премачкува со кремот.




Одозгора се става втората кора и повторно се премачкува со кремот, а со додавање на последната кора, се премачкува површината и од страните на тортата. Тортата се става во фрижидер да излади најмалку 1 час пред послужување.

Преостанатите крајчиња од кората не треба да ги фрлате туку сомелете ги во блендер, па пред послужување на тортата наросете на површината и по страните. Дава многу декоративен и впечатлив изглед.

Доколку сакате тортата да има два фила, во кремот пред да додадете какао, одделете половина во посебен сад, па во едната половина ставете какао, а другата да остане со бел крем.

На овој начин може да ја филувате првата и последната кора со какао кремот, а на средина да го распоредите белиот крем. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.