Рецепт и видео презентација на Силванина кујна. Оваа плазма торта е неодоливо кремасто задоволство. Морам да споменам дека оваа торта е посебно популарна во моето семејство. Првпат ја направив за осмиот роденден на син ми, а домашните беа воодушевени од вкусот.
Оттогаш па наваму, секогаш кога прославуваме нешто, ја подготвувам оваа торта и верувајте, никој не може да се засити од неа, никому не му е доста – вели Силвана за оваа прекрасна торта, која мора да ја направите и пробате во првата можност кога ќе ја имате.
Потребни состојки: 100 г шеќер, 5 жолчки, 1 супена лажица брашно, 3 прашоци пудинг од ванила, 1 кесичка ванилин шеќер, 1.2 литар млеко, 150 г чоколадо, малку нутела или друг еурокрем (лешников крем), 250 г путер, 100 г шеќер, 170 г мелена плазма.
За кората: 5 белки од јајце, 120 г шеќер, 700 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 70 г мелени ореви. За шлагот: 1 кесичка прашок за шлаг, 500 мл млеко.
Постапка: Во тенџере додадете го шеќерот, петте жолчки, брашното, пудинзите од ванила и ванилиниот шеќер. Соединете ги сите состојки со жица за матење, да добиете течна и мазна смеса без грутчиња, па потоа постепено додавајте ја во млекото со постојано мешање.
Смесата ставете ја на рингла, на умерена температура да се зготви со непрекинато мешање за да не загори. Во друг сад скршете го чоколадото на коцки, а во него прелијте половина од зготвената смеса. Другата половина сочувајте ја во друг сад покриен со фолија.
Измешајте го врелиот пудинг и чоколадото додека да се растопи, а потоа и тој сад покријте го со фолија и ставете го на страна. Изматете пет белки со електричен миксер со постепено додавање на шеќерот. Матете додека шеќерот целосно да се растопи и добиете цврст снег.
Откога ќе добиете пенаста, цврста и сјајна смеса, додадете го брашното, прашокот за печиво и мелените ореви. Повторно измешајте ја смесата со жица-маталка, па истресете ја во калап со флексибилен обрач со претходно поставена хартија за печење.
Измазнете ја белата смеса преку целата површина на калапот и печете ја 20 минути на 180 степени во претходно загреана рерна. По изминатото време оставете ја кората да се излади, па внимателно со нож одвојте ги краевите од обрачот, а потоа извадете го.
Кората превртете ја во голема и рамна чинија за послужување, така што страната која била одозгора при печењето сега треба да биде од долната страна на чинијата. Внимателно отстренете ја хартијата за печење.
Горната страна на кората премачкајте ја рамномерно во тенок слој со нутела или некој друг лешников крем по ваш избор. Во посебен сад ставете 250 г полурастопен путер и 100 г шеќер. Изматете со миксер.
Половина од оваа смеса додадете ја во претходно направената смеса од чоколадо и пудинг, а другата половина во смесата со пудинг. Изматете со миксер посебно во двата сада. Во смесата со пудинг додадете 170 г мелена плазма и повторно кратко изматете колку да се изедначи.
Во калапот со кората повторно ставете го обрачот и додадете ја смесата со плазма. Еднакво распоредете ја смесата, а врз неа додадете ја останатата смеса со пудинг и чоколадо и повторете ја истата постапка со измазнување. Тортата ставете ја во фрижидер да се стврдне околу три до четири часа.
Пред да ја извадите тортата од фрижидер, направете го шлагот. Додадете една ќесичка прашок за шлаг и изматете со млекото или поедноставно направете го шлагот од неколку белки.
Повторете ја постапка со одвојување на краевите на тортата од обрачот со нож и ставете ја на голема подлога. Премачкате ја целата торта со шлаг и измазнете ја. На страните може да додадете малку мелена плазма, а одозгора на тортата направете украсни вртлози од шлаг преку целата горна површина.
Исто така одозгора може да ставите цели парчиња плазма и малку чоколадо, но декорацијата може да биде и ваша инспирација. На крајот, тортата се лади во фрижидер уште 1 час. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.