Нема ништо поубаво од старинските колачи за ванилици кои се приготвуваат со маст, путер или маргарин, а се филуваат со ореви или џем. Валкани во шеќер во прав помешан со ванила, колку подолго стојат, толку се поровки и поубави. Од архивата приготвивме неколку рецепти, па доколку одлучите да ги приготвите овие колачи, одберете кој најмногу ви одговара.

Првиот рецепт има и видео презентација од Аурора рецепти – Најубавиот рецепт за ружички со ореви кои се топат во уста. Потребни состојки: 200 мл млако млеко, 8 г сув квасец (една кесичка), 100 мл масло, 4 лажици шеќер, 250 г путер, 2 жолчки, 1 цело јајце, 650-700 г брашно.

За фил ќе ви биде потребно: 250 г мелени ореви, 2 белки и една лажица шеќер во прав. Постапка: Прво ставете го млакото млеко, квасецот и шеќерот, промешајте и оставете 10-тина минути за да се активира квасецот. Потоа во стасаниот квасец додадете 100 мл масло, две жолчки, едно цело јајце, преостанатиот шеќер и путерот омекнат на собна температура.

Додадете малку брашно и месете брашно. Постепено додавајте брашно по потреба и месете го додека да добиете убаво мазно тесто. На крај доработете го на работна површина. Покријте го и оставете го половина час да стасува. За тоа време пригответе го филот. Двете белки изматете ги пенасто со миксер заедно со една лажица шеќер во прав додека да добиете снег.

Потоа постепено додадете мелени ореви и промешајте со лажица за да се соедини смесата. Кога тестото ќе стаса кинете од него парчиња, формирајте топчиња и сплеснувајте ги тенко со помош на дланките. Во средината со лажичка црпнете од филот, а потоа малата коричка преклопете ја и со прстите затворете ја од сите страни формирајќи ружичка.

Вака формираните ружички редете ги во плех обложен со хартија за печење. Редете ги на растојание бидејќи ружичките додека се печат нараснуваат. Освен со филот од ореви можете да ги полнете и со џем. Откако ќе го наполните плехот оставете ги малку да стасаат за да пораснат.

Откако ќе поминат неколку минути, ставете ги во загреана рерна на 200 степени да се печат 10-15 минути додека малку да заруменат. Печените ружички оставете ги малку да изладат, а потоа убаво валкајте ги во шеќер во прав. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Вториот рецепт за ружички – старински рецепт за омилените колачи – колку стојат подолго, толку се повкусни, излегуваат 60 на број. Фотографии и рецепт на Веселка Кузмановска – Ружички. Рецептот за овој омилен старински колач “Ружички” ни го претстави нашата драга членка Веселка Кузмановска во групата НМД рецепти.

Како и сите старински колачи, така и овие, за да се приготват потребни се само неколку состојки, а сепак ќе ужувате во нивниот вкус. Излегуваат многу, околу 55-60 колачи, па доколку тоа ви е премногу, преполовете ги количините.

Ако пак се одлучите да ги правите во цела мера, тогаш имајте на ум дека можете да ги јадете на три начини: веднаш – додека се топли, после неколку денови – кога ќе отстојат и убаво ќе омекнат, или откако ќе ги извадите од замрзнувач и одмрзнете…

Потребни состојки: 2 чаши (од 250 мл) стопена маст, 1 чаша млака вода, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, ½ кесичка сув квасец, 2 лажици шеќер (2 раце), брашно по потреба (околу 700-800 г), џем за полнење (или фил по желба) и шеќер во прав за валкање.

Постапка: Најпрво во подлабок сад ставете ја млаката вода, шеќерот и квасецот, па промешајте да се растопат. Додадете го прашокот за печиво и растопената маст, а потоа малку по малку додавајте го брашното со непрекинато мешање на лажицата. Тестото треба да биде меко и доста масно, но да се одвојува од ѕидовите на садот.

Оставете го половина час да стаса. Откинувајте парчиња од тестото со величина на пинг понг топче, приближно. Развлекувајте ги на дланка со сплескување, ставете џем или фил по желба, па спојте ги краевите и обликувајте ја ружичката. Редете ги во ненамастен плех и печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. Се печат колку малку да заруменат, не треба да се препечат. Топли валкајте ги во шеќер во прав.

Третиот рецепт за ружички – Ситни колачиња од неколку состојки, со фил од ореви, превкусни, се топат во уста! Колачињата се навистина предобри, некои ги нарекуваат ружички, мандаринчиња, ванилици…

Потребни состојки: 300 г маст, 1 јајце, 2 жолчки, 200 мл млако млеко, 1 лажичка шеќер, 20 г свеж квасец, 800+50 г меко бело брашно. За фил: 2 белки, 16 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер и 250 г мелени ореви или бадеми. За наросување: 50-тина г шеќер во прав со ванила.

Постапка: Млекото загрејте го да биде млако, додадете издробен квасец и една лажичка шеќер, промешајте за да се растопи квасецот. Додадете 6 лажици брашно и оставете на топло околу 10-15 минути додека квасецот да се активира и запени. Од остатокот на брашното одвојте околу 50 грама на страна – за наросување.

Во садот за матење, добро изматете ја маста со јајцата, па тргнете го миксерот на страна. Во смесата додадете го активираниот квасец и полека со лажица додавајте од брашното и мешајте. Кога тестото ќе стане густо истресете го на набрашнета површина и продолжете со месење и додавање брашно се додека да добиете компактно тесто кое не се лепи на рацете.

Треба да потрошите околу 800 г брашно, заедно со она што го додадовте во квасецот на почетокот. Садот во кој го месевте тестото добро набрашнете го (со оние 50 г што ги оставивте на страна), па вратете го тестото и одозгора затворете го со проѕирна фолија. Оставете на топло тестото да го удвои својот волумен.

За фил: пенасто изматете ги белките, додадете шеќер и ванила. На крај додадете ги мелените ореви/лешници/бадеми. Смесата треба да биде прилично густа. Стасаното тесто повторно истресете го на малку набрашнета работна површина и премесете го.

Од тестото правете топчиња со величина на орев, па секое развлечете го во коричка (или исплескајте го со дланките), па во средина ставете половина лажичка фил. Тестото затворете го во пакетче или ружичка. Колачињата редете ги во плех обложен со хартија.

Додека се загрева рерната на 180 степени, оставете ги колачињата уште малку да нараснат. Печете ги 20-25 минути во зависност од јачината на рерната. Треба малку да заруменат одозгора, додека одоздола треба да останат бели. На допир ќе бидат уште малку меки, па водете сметка да не ги загорите.

Од плехот вадете ги колачињата кога ќе бидат изладени и обилно наросете ги со шеќер во прав и ванила, но секако, можете да ги јадете и топли, многу се вкусни. После неколку денови омекнуваат, добиваат вкус на кекси и ореви, па така можете да си ги приготвите и неколку дена пред слава или некоја друга пригода.