Поздрав драги пријатели, почитувани домаќини и домаќинки. Денес ќе ви ја презентирам погачата која со години ја правам со компир и разни видови на сирење.  Некогаш додавам и младо кромитче, а некогаш само „зенка“ топено сирење.




Во секој случај и во секоја комбинација, само што ќе ја испечам погачата, уште додека е врела цела се разграбува од масата и сите ме прашуваат дали можеби некаде останало уште некое парче репете. Се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути.




Бидејќи се приготвува брзо и лесно, секогаш правам по две погачи, па дури и тогаш се бара уште. Моите домашни, често ме прашуваат кога повторно ја правам. Убава е и со моцарела и печен компир, но еднаш пробајте ја и вие, па одлучете се која комбинација најмногу ви одговара.




Потребни состојки: 300 мл јогурт, 100 мл масло, 100 мл вода, 40 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 900 г брашно. За фил овојпат се одлучив за следниве состојки: 1 кг варен компир, 240 г моцарела, 4-5 парчиња „зденка“ топено сирење. За премачкување: 1 јајце, маслиново масло




Постапока: компирите измијте ги, излупете ги и исечете ги на помали коцки за да можат рамномерно да се сварат, па прелијте ги со вода и ставете ги на оган со малку сол, да се варат додека да омекнат.




Во еден подлабок сад за месење ставете 300 мл течен јогурт (на собна температура), 100 мл масло за готвење, една лажичка шеќер, малку брашно (околу една рака) и една коцка свеж квасец, изронете го меѓу прстите.




Промешајте со жица маталка за да се растворат состојките, шеќерот да се растопи и да нема грутчиња од брашното. Штом се растопи и квасецот, додајте околу 100 мл млака вода, да добиете смеса слична на тестото за палачинки.




Во смесата додајте уште 200-300 г брашно и две лажички сол, па продолжете да матите со маталката. На крај со постепено додавање на брашното замесете рачно (или со лажица) за убаво да се изработи тестото. Тоа не треба да биде средно меко, туку помеко од вообичаено.




На крај додајте малку масло и домесете го уште некоја минута, колку да престане да се лепи за рака (погледни видео на линкот најдолу во текстот). Вака замесеното тесто покријте го и оставете го да стасува околу еден час додека да го зголеми својот волумен.




За тоа време и сварениот компир ќе се олади. Процедете го, испасирајте го како пире и оставете целосно да се олади. Стасаното тесто истресете го врз малку набрашнета површина и малку премесете го. Од добиеното тесто можете да правите две помали погачи или една поголема.




Во пирето додајте ситно сечкана моцарела и зденка, па промешајте за да се соедини. Од смесата направете две топки, за двете погачи. Земете ја едната топка тесто и со рацете истапкајте ја во кора. Во средината ставете ја топката фил, па обложете ја од сите страни со тестото, затворете и нежно формирајте го обликот на погачата.

Вака приготвените погачи ставете ги во плех малку намастен и обложен со хартија за печење, покријте ги и оставете ги да стасаат. Потоа премачкајте ги со изматено јајце со малку масло и со прстите одозгора нежно изб-оцкајте ги слично како за фокача.

Рерната вклучете ја да се загрее на 200 степени, па ставете ги да се печат околу 20-25- тина минути. Печените погачи додека се топли одозгора премачкјате ги со маслиново масло или растопен путер. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.