Крцкави однадвор, а пливаат во вкусниот сируп!

Тулумбите се вкусен и „силен“ десерт, а честопати домаќинките одбегнуваат да ги направам, мислејќи дека постапката за нивното правење е многу комплицирана. Ова е наједноставниот рецепт, а ќе добиете доволна количина за да се заслади целото семејство, па дури и следниот ден! Пробајте ги, бидејќи имаме одличен рецепт за тулумби!

На Балканот тулумбите се традиционални слатки кои редовно се јадат, а водат потекло од Египет. Еден од најстарите колачи кои денес сè уште се приготвуваат. За да направите совршени тулумби, мора да знаете колку маслото за пржење треба да биде загреано, сирупот/шербетот треба да биде добро изладен, маслото помеѓу две пржења треба да се излади за да не подгоруваат тулумбите.

Кога се спуштаат тулумбите во ладно масло, тогаш излегуваат најубави. Исто така, густината на тулумбите е многу важна, а и смесата која се вари на шпорет треба добро да биде сварена. Во видеото под пишаниот рецепт ви се откриени сите слаткарски трикови за правење на совршени тулумби.

ПРВ РЕЦЕПТ – Потребни состојки: 500 мл вода, 500 г меко брашно, 100 мл масло и 7 јајца. За шербет: 800 мл вода, 1 кг шеќер и ½ лимон (може и не мора).

Постапка: Најпрво се приготвува сирупот за да има време убаво да излади. Ставете вода и шеќер на оган, па откако ќе проврие варете 5 минути за да се добие убав леплив сируп. Тргнете од оган, додајте го лимонот (ако сакате), па оставете на страна да се лади. Кога ќе постигне собна температура ставете го во фрижидер, потребно е да биде дообро изладен.

Подготвување на тестото: Маслото и водата измешајте ги и ставете на оган да зоврие. Потоа намалете го огнот и додајте го брашното, па со мешање сварете го тестото додека да згусне и да се соединат состојките. Ќе добиете фина топка, потврдо тесто.

Оставете го на страна да се олади, па кога ќе биде млако, додавајте едно по едно јајце, вкупно 7 крупни. (Бројот на јајцата може да варира во зависност од нивната големина, некогаш 6 можеби, а некогаш 8).

Во широк сад ставете 1 литар масло и загрејте го да биде млако. Наполнете го шприцот за тулумби со тестото, ставете ѕвездест продолжеток со широки „запци“ и истискувајте во загреаното масло.

Сечете ги тулумбите со прст или со ножици. Ако сакате поизразени ребра, тогаш користете ѕвездест продолжеток со потесни „запци“. Пржените тулумби кога ќе добијат златножолта боја вадете ги во претходно приготвениот и изладен сируп. Маслото за пржење тргнете го на страна и оставете го да се лади 10-15 минути.

(За да нема прекини во пржењето најдобро е да имате два сада со масло за пржење), а тулумбите држете ги во сирупот 2-3 минути, па вадете ги. Тулумбите мора однадвор да бидат крцкави, а внатре меки и сочни.)

ВТОР РЕЦЕПТ – Потребни состојки: 250 г брашно, 400 мл вода, 100 мл масло, 4 јајца, 2 лажички шеќер, прстофат сол, 1 литар масло за пржење. За сируп: 800 г шеќер, 500 мл вода, лимон

Постапка: искусните домаќинки велат дека најдобро е прво да се направи сирупот од наведените последни три состојки. Водата зовријте ја со шеќерот, а пред крајот додајте го и лимонот исечен на тркалца, а потоа сирупот оставете го на страна за да излади добро, а можеби најдобро е да го оставите преку цела ноќ. Дури тогаш направете го тестото.

Измешајте вода, масло, шеќер и сол па ставете да се загрее на умерена температура. Додајте го брашното и добро измешајте со лажица додека тестото да се соедини и да добие форма на топче. Овој чекор трае неколку минути колку да се испржи брашното. Добиеното тесто оставете го на страна да се олади.

Во изладеното тесто додајте ги јајцата, едно по едно, и измешајте, смесата прво ќе изгледа нерамна, но слободно изматете ја со миксер (со продолжетоци за тесто) додека да добиете мазно и поретко тесто. Наполнете го слаткарскиот шприц или вреќичка наменета за тулумби.

Ставете го маслото во длабока и по можност широка тава или тенџере, па загрејте го, а потоа тестирајте го со капка тесто. Ако почне веднаш да „цвркоти“, тогаш е подготвено за пржење. Истиснувајте ги тулумбите во маслото и пржете ги.

Кога ќе заруменат (тие сами се издигнуваат на површината, го зголемуваат волуменот) и лесно можете да ги превртите, испржете ги од двете страни и потоа извадете ги од маслото. Ставајте ги топли, но не прежешки (директно од маслото) во сирупот.

Оставете ги да се изладат на собна температура, а потоа покријте ги со фолија и ставете ги во фрижидер неколку часа. ОВДЕ можете да ја погледнете целата постапка за приготвување со деталите.