Најлесен начин да направите сирење дома без сириште – Сè што ви е потребно е 1 чаша јогурт. Едноставен рецепт за домашно младо сирење од кравјо млеко.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 литри домашно кравјо млеко или купечко, но со висок процент на млечни масти и 200 мл јогурт или кисело млеко
ПОСТАПКА: Сипете го млекото во чисто тенџере со нелепливо дно и оставете да зоврие на умерена температура. Штом запени и зоврие додајте го јогуртот или киселото млеко и продолжете со мешање уште 2-3 минути или додека повторно да зоврие.
Набргу ќе забележите дека ќе започне да се одвојува сурутката, а вие продолжете со непрекинато мешање додека убаво да се одвои сирењето. Тргнете го тенџерето настрана и оставете да отстои 5 минути.
Потоа процедете го врз цедалка обложена со густа газа. Од оваа количина ќе добиете приближно 532 г сирење и 2 литри сурутка која е многу здрава за пиење и прочистување на црниот дроб, како и за надополнување на калциум во организмот, особено за сите кои страдаат од остеопороза.
Сурутката можете да ја искористите и за подготвка на палачинки, погачи и разни други печива за кои е потребно млеко. Сирењето добро стегнете го во газата и одозгора поставете потисок за да може што поубаво да се исцеди.
После два часа вашето младо кравјо сирење е спремно за дегустација. Доколку сакате да приготвите зрело сирење, тогаш потребно е да направите солило во кое ќе го чувате на ладно и темно место (во фрижидер). Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.