Ќе ви претставиме два рецепти, односно два начини за приготвување на славската пченица. Според првиот рецепт, житото се пере во неколку води пред варењето, а според вториот рецепт, житото се зоврива кратко, се цеди од таа вода и му се додава нова, ладна вода, а ова се повторува 4 пати.

Секој крај си има свој начин на приготвување на славската пченица, а доколку вашиот начин се разликува од опишаниот, споделете во коментар за читателите на НМД.




ПРВ РЕЦЕПТ. Овој рецепт докажано се разликува од останатите, а го приготвуваат генерации наназад во едно семејство. Најдобриот рецепт за славско жито со ореви има неколку тајни во приготвувањето, а ние детално ќе ви ги објасниме сите чекори.

Секое жито освен што има духовна вредност за домаќините и гостите на славата, тоа исто така, треба да биде вкусно, па преку него да се добие и материјален и духовен благослов.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г бела пченица, 400 г шеќер кристал, 400 г мелени ореви, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), малку мускатно оревче. Кој не ја сака аромата на мускатното оревче, може слободно да ја изостави, бидејќи дава интензивна арома (затоа само малку се става). Важно е да се користи бела пченица и да набавите што повкусни ореви, добро исчистени и без лушпи.




ПОСТАПКА: Половина килограм пченица истребете ја од камчиња и нечистотија, па ставете ја во експрес лонец и прелијте ја со вода. Покријте ја и оставете ја вака да преноќи. Следниот ден потопената пченица процедете ја и исперете ја во неколку вода, за да излезе сета нечистотија и добро да се свари во експрес лонецот.




Кога пченицата ќе биде сварена, оставете ја да се олади и додека сè уште е млака процедете ја, но не ја испирајте со ладна вода, како што некои тоа го практикуваат. Ова е една од тајните – пченичниот скроб треба да остане заедно со житото.




Кога ќе се процеди пченицата, уште додека е млака сомелете ја во блендер, мултипрактик или на машина за мелење каква имате. Не треба премногу ситно да се сомеле и да добиете пире, туку треба да биде крупно мелена, да има волумен. Тоа е втората тајна за најдобриот рецепт за славско жито.




Сомелената пченица која треба да биде сè уште млака, помешајте ја со шеќерот и оревите, додајте ванилин шеќер и мускатно оревче по желба. Промешајте ја пченицата добро. Мешањето на пченицата, оревите и шеќерот се прави со раце. Тоа е третата тајна, зошто овој рецепт е најдобриот за славско жито.




На крај славското жито одозгора се наросува со ореви и се украсува во вид на крст од цели ореви. Следниот рецепт што ќе го прочитате е на Снежана, која го приготвува еден ден пред крсната слава.

ВТОР РЕЦЕПТ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г бела пченица, 300 г мелени ореви, околу 250 г шеќер (по вкус), малку ванилин шеќер, малку мускатно оревче за арома и малку цимет (буквално на врв од ножот, по вкус).




ПОСТАПКА: Пченицата е потребно добро се исчисти о нечистотија и да се испере под млаз вода. Ставете ја во поголем сад (бидејќи бубри при варењето и ќе го зголеми волумениот), па ставете ја на оган да зоврие. Од моментот на вриење оставете да се вари 5 минути, па исцедете ја (житото останува во цедалката).




Налијте нова ладна вода и повторете ја постапката вкупно четири пати, за да се избистри водата. Во текот на варењето (по пет минути и процедување), некои зрна ќе се отворат, а тоа е добро, така треба. Кога по четврти пат водата ќе зоврие, тргнете го тенџерето од оган и ставете го на ладно место (не ја истурајте оваа вода) поклопено со капак. Завиткајте во ќебе и оставете го неколку часа.




После ова, целата пченица ќе биде добро сварена. Житото процедете го и сочувате 200 мл од течноста. Потоа сомелете го. Во поголем сад измешајте ја мелената пченица со мелените ореви (пред да ги сомелите одвојте неколку за декорација) и со шеќерот. Додајте ванилин шеќер, трошка цимет и трошка мускатно оревче.

За да биде посочна пченицата јас додавам и уште 200 мл од течноста во која се вареше (некој тоа не го прави, а имам читано дека порано домаќинките ја сушеле варената пченица врз чаршави, пред да се сомеле). Пробајте го вкусот па додајте уште шеќер ако е потребно. Потоа житото ставете го во убава чин ија, наросете го со мелени ореви и украсете со половинки.

Рано наутро, на денот на крсната слава, домаќинот ја носи пченицата во црква за да ја ocвети свештеникот. Домашните и гостите на денот на славата се послужуваат со лажичка од пченицата, пред ручекот.