Рецепт и видео презентација на Алмира од “Готви и печи” – Тартар сос – најдобриот рецепт, готов за 5 минути. Потребни ви се само неколку состојки, но доколку истите добро се искомбинираат во правилни соодноси, ќе добиете совршен вкус на кој нема да можете да му одолеете.

Тартар сосот е еден од најбараните сосови. Се користи во многу комбинации, но убедливо најубав вкус му дава на прженото и похуваното пилешко месо. Количините за тартар сосот може да се зголемат за да си имате и за следниот ден, ако остане.

Овој сос е многу повкусен од купечкиот, пред сè затоа што има побогати состојки, домашно е приготвен и секогаш можете да додадете или одземете некои од состојките.  Тоа е базата, мајонез, кисели краставички и копар, а сè останато можете да прилагодувате по сопствен вкус.

Тартар сосот има француско потекло и најчесто се користи како додаток морски плодови како што се школки, рибни ќебапи, рибни сендвичи и слично. неретко се користи и како прилог на бифтек, кој во комбинација со сосот се нарекува “тартарски бифтек”.

За да го приготвите овој превкусен сос, ќе ви бидат потребни следните состојки: 200 г мајонез, 2 големи лажици павлака колку може помасна користете (со повисок % млечни масти), 5 кисели краставички, 2 чешниња лук, 1 лажица магдонос, 1 лажица копар, 1 лажичка сенф, сол, црн пипер.

Постапка: Краставичките изрендајте ги на најситниот дел од рендето, а потоа исцедете ги добро од сокот. Копарот искинете го од гранчињата, бидејќи потребен ви е само зелениот дел, а потоа исечкајте го ситно со нож.

Во еден длабок сад додадете ги мајонезот, павлаката, сенфот, ренданите краставички убаво истискани, сечканиот копар и магдонос. Јас користам замрзнат магдонос претходно ситно исечкан, а вие ако имате ставете свеж.

Потоа додадете ситно исечканото лукче (ако немате преса за лук, може да го истолчите) и зачинете со сол и црн пипер по вкус. Убаво промешајте околу 1-2 минути додека сите состојки да се соединат. Вкусете и по потреба додадете уште малку сол или некој од зачините.

Преубаво мириса и ќе ве мами да го пробате уште додека го мешате сосот. Готовиот сос префрлете го во некој стаклен сад за послужување, по можност со капак и чувајте го во фрижидер. Можете да го користите во следните два-три дена. Поради мајонезот нема подолг рок.

Но, секако, сосот е толку многу вкусен, што брзо ќе се изеде уште првиот ден, особено ако за главен оброк имате нешто похувано. Совршено одзговара и со пирошки, похуван кашкавал, пилешки прсти… Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.