Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти: Боем торта. Со право може да се каже дека боем тортата е најубавата класична меѓу тортите. Ова е стар и едноставен, многупати проверен рецепт од кој сите се воодушевени.

Потребни состојки: 10 белки, 150 г шеќер, 100 г брашно, 12 г прашок за печиво, 100 г мелени ореви, 100 г рендано чоколадо. Колачот се приготвува во плех со димензии 35х40 см, а се пече на 180 степени 25 минути

За крем: 10 жолчки, 150 г шеќер, 16 г ванилин шеќер (2 кесички), 1 литар млеко, 100 г брашно, 100 г шеќер во прав и 200 г путер. За чоколадна глазура: 150 г чоколадо, 50 г путер, 2 лажици млеко, 50 г чоколадо за декорација

Постапка: Пенасто изматете 10 белки со 150 г шеќер. Матете 10 минути додека да добиете цврст и сјаен снег. Додадете 100 г брашно, 12 г прашок за печиво, 100 г мелени ореви и 100 г рендано чоколадо. Промешајте со лажица или шпатула внимателно додека да се изедначат состојките, а смесата да остане воздушеста.

Рамномерно распоредете ја во плех со величина 35х40 см претходно малку намастен и обложен со хартија за печење. Ставете во загреана рерна на 180 степени да се пече 25 минути.

Печената кора оставете ја да излади додека го приготвувате кремот. Во подлабок сад ставете 10 жолчки, па додадете 150 г шеќер и 16 г ванилин шеќер, па со маталка промешајте и додадете половина литар млеко.

Додадете 100 г брашно и измешајте да нема грутчиња. Во тенџере на оган ставете да се загрее 500 мл млеко, па кога ќе зоврие намалете го огнот и постепено додадете ги разматените жолчки со брашно и млеко и мешајте постојано додека да згусне кремот.

Покријте го кремот со проѕирна фолија и оставете го половина час во фрижидер за побрзо да излади. Оладениот пандишпан исечете го на 4 делови, вертикално и хоризонтално, така да добиете 4 тенки правоглести кори.

Во изладениот крем додадете 100 г шеќер во прав и 200 г путер исечен на коцки и омекнат на собна температура. Пенасто изматете со миксер и соединете во нежен крем.

Редење: првата кора ставете ја во калап и натопете ја со малку млеко. Врз неа нанесете третина од кремот и израмнете. Повторете ја постапката и завршете со последната (четврта) кора и прелијте со чоколадна глазура.

За глазура: на тивок оган растопете 50 г путер, 150 г чоколадо искршено на коцки и 2 лажици млеко. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.