Кифличките се омилените печива кои со сласт се прават, но и се јадат. Не пропуштајте го овој рецепт кој ќе ве освои и со мирис и со вкус. Јас редовно ги подготвувам и секојпат ги полнам со различни филови. Некои ги правам со сирење, некои со спанаќ или со праз, но и шупливите се многу вкусни. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млеко, 1 лажица шеќер, 40 г свеж квасец (10 г сув квасец), 250 г маргарин/путер, 1 лажица сол, 300 мл вода, 100 мл масло (70+30 мл), 900 г брашно + уште малку за домесување на тестото. ПОСТАПКА: Млекото и водата треба да бидат отстојани на собна температура, пред да започнете со подготовка на тестото.




Во еден подлабок сад ставете го 200 мл млакото млеко, потоа додајте една лажица шеќер и една коцка од 40 до 50 г свеж квасец. Ако користите сув квасец ставете една кесичка од 10 грама. Измешајте ги состојките со жица/маталка и оставете да отстои 10-тина минути, додека тестото да набубри.




Додека чекате мешавината да отстои, ставете 250 г маргарин во замрзнувач. Во длабок сад ставете отприлика 500 гр брашно, додајте една лажица сол и измешајте. Откако ќе измешате додајте го набубрениот квасец, 300 мл топла вода и 70 мл масло и повторно мешајте додека смесата да почне да се соединува. Остатокот од маслото (30 мл) зачувајте го за подоцна.




Откако смесата ќе згусне додајте уште малку брашно и продолжете со мешање, додека да почне да се формира тесто. Процесот повторете го на двапати. Кога тестото ќе стане доволно тврдо, почнете да го месите. Ставете ги останатите 30 мл масло и уште малку продолжете со месење за сѐ убаво да се соедини.




Превртете го тестото во садот и покријте го садот со крпа или пластична фолија. Оставете го на топло место да нарасне еден час. По изминатото време, откако тестото ќе порасне извадете го од садот, ставете малку брашно на рамна работна површина и размесете го тестото уште малку од неа, додека да се испуштат вишокот гасови.




Наросете со уште малку брашно врз него и почнете да го развлекувате со оклагија. Развлечете го тестото додека да добие форма на голем правоаголник или квадрат. Врз тестото изрендајте го целиот маргарин. Кога ќе завршите почнете да го виткате тестото, како ролат.




Потсоберете го тестото од страните, така што ќе го стеснувате, додека да почне малку да се „гужва“. Поделете го на 5 еднакви делови и обликувајте ги во топчиња. Повторно наросете со брашно на работната површина и почнете делчињата да ги разлекувате во форма на круг. Исечете го кругот на повеќе триаголници (обично на 8 делови).




На нив може да ставите што сакате или да ги оставите кифличките шупливи. Откако ќе го ставите посакуваниот фил, почнете да ги вртите кифличките од подолгата страна накај врвот и редете ги во плех, обложен со хартија за печење.




Покријте го плехот со крпа и оставете ги да отстојат половина час. По триесет минути, изматете една жолчка и една лажица шеќер. Премачкајте ги кифлите и наросете ги со сусам или сол по желба.

Вклучете ја рерната да се грее на 200 степени и потоа ставете ги да се печат околу 25-30 минути. Кифлите се многу меки и според мене ова е најдобриот рецепт за нив. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.