Рецепт за мекици што не впиваат масло
Мекиците се традиционално македонско јадење, омилено поради својата мека текстура и едноставна подготовка.
Овој рецепт е внимателно осмислен за да добиете мекици со совршена структура што минимално впиваат масло, задржувајќи ја својата воздушност и вкус.
Следете ги чекорите за да уживате во крцкави, а сепак меки мекици, идеални за секоја пригода, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки
– 20 г свеж квасец
– 1 лажичка шеќер
– 300 мл млака вода
– 120 мл млако млеко
– 120 г кисело млеко
– 1 јајце (на собна температура)
– 850 г брашно
– 1 лажица сол
– Масло за пржење
– НМД
Постапка
1. Во длабок сад растопете го квасецот заедно со шеќерот во млаката вода. Додајте го млакото млеко и киселото млеко, па добро промешајте.
2. Вметнете го јајцето и мешајте додека смесата стане хомогена.
3. Постепено додавајте го брашното и солта, мешајќи со лажица додека да се формира компактно тесто без грутчиња. Тестото треба да биде многу меко, сосем малку лепливо.
4. Домесете го тестото со рака неколку минути за да добие мазна структура. Покријте го садот со капак или проѕирна фолија и оставете го на топло место да ферментира околу 60 минути или додека тестото го удвои својот волумен.
5. По ферментацијата, нежно премесете го тестото за да го ослободите од воздухот. Поделете го на еднакви делови и формирајте топчиња. Од наведената количина се добиваат околу 15 големи мекици.


6. Наредете ги топчињата во сад намастен со малку масло и премачкајте ги одозгора со тенок слој масло за да не се сушат.
7. Загрејте масло за пржење во длабок сад на умерена температура. Земете едно топче тесто, нежно сплескајте го со намастени раце за да формирате мекица и внимателно ставете ја во врелото масло.
8. Пржете ги мекиците од двете страни кратко, додека да добијат рамномерна златна боја.
9. Откако ќе се испржат, извадете ги мекиците на кујнска хартија за да се исцеди вишокот масло.
Послужете ги топли, со прилог по желба, како сирење, кашкавал или џем. Добар апетит! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































