Ова е еден модерен рецепт за млади и стари домаќинки и домаќини. Не е ниту бабин, ниту мамин рецепт, ова е нешто ново. Рецептот на Тања за печени пиперки (во рерна), складирани во тегла за зимница, пробајте го, нема да се покаете. Можете да го приготвувате во стан, до куќа или во двор.
Печените пиперки со лукче и лути пиперчиња за оние кои го сакаат лутото, а оние кои не сакаат, не мора да ставаат. Ова е зимска салата од пиперки, зимница без конзерванси. Додатокот од магдонос и лимонов сок дава одлична арома и вкус.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 кг црвени пиперки, 2 цели главици лук, китка свеж магдонос или повеќе ако сакате, 5 лути пиперки по вкус, а кој не сака не мора да става, 200 мл масло за готвење, 100 мл бел оцет 9%, 2 лажици сол, 1 лажица шеќер, 1 лимон
ПОСТАПКА: Најпрво добро измијте ги пиперките под млаз ладна вода, па исцедете ги и пребришете ги со памучна кујнска крпа. Тенкиот плех од рерна обложете го со хартија за печење, па врз него наредете пиперки колку што собира.
Рерната добро загрејте ја на максимум колку што ви грее рерната, а во мојот случај тоа е 250 степени Целзиусови. Плехот поставете го високо на горниот греач и печете ги пиперките додека да фатат коричка од едната страна, а потоа свртете ги и на другата страна.
Некаде приближно после 20 минути потребно е да ги извадите од рерната и внимателно да ги свртите на другата страна, па да ги вратите во загреаната рерна да се допечат, уште неколку минути (должината на печењето зависи од самите пиперки, оние помеснатите се печат подолго).
Кога пиперките ќе се испечат убаво од двете страни, извадете ги од рерна и додека сè уште се врели, вадете ги од плехот и ставајте ги во поголемо тенџере кое има капак. Постапката повторувајте ја додека да ги испечете сите 8 килограми пиперки.
Врелите печени пиперки секогаш ставајте ги во тенџерето и веднаш поклопувајте ги со капакот, за да можат уште повеќе да омекнат од сопствена топлина и пареата која ја испуштаат, а подоцна ќе можат полесно да се излупат.
Додека се печат пиперките, во меѓувреме исчистете 5 лути пиперки: исечете ги, отстранете им ги дршките и семето, па што поситно исечкајте ги. Потоа исчистете две главици лук, па секое чешне исечкајте го на тенки листови.
Кога печените пиперки ќе се оладат, внимателно излупете ги и отстранете ги дршките и семето. Потоа исечете ги на ленти, па на помали коцкички. На ист начин исечкајте ги сите пиперки, па ставете ги во едно големо и широко тенџере (слично на она за правење ајвар, на пример).
Тенџерето ставете го на оган и пропжете ги пиперките на умерена температура. Најпрво сипете 200 мл масло, 100 мл бел оцет 9%, сечкан лук, сечкана пиперка и промешајте. Од моментот кога ќе зоврие гответе 15 минути. Додека се готви салатата, исечкајте една китка свеж магдонос и исцедете сок од еден лимон.
После 15 минути готвење додајте 2 супени лажици сол, 1 супена лажица шеќер, магдонос и сокот од еден лимон. Промешајте и оставете на тивко да се динста уште 15 минути со повремено промешување. Готовата салата складирајте ја во претходно стерилизирани стаклени тегли.
Потоа теглите затворете ги со метални капаци кои претходно сте ги стерилизирале или пребришале со алкохол. Прекријте ги со ќебе или дебел пешкир и оставете ги преку цела ноќ полека да се оладат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.