Брза, вкусна, мирисна пита… со посвета. Потребни состојки: 1 шолја брашно, 1 шолја шеќер, 1 шолја гриз, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 1 кг јаболка (кисели по можност), 300 г путер. За мерење се користи шолја од 180 мл.

Постапка: За овој колач најмногу време ќе ви одземе чистењето и рендањето на јаболката. Ако машкиот дел од популацијата е расположен да ви помогне, оваа пита ќе биде готова за само неколку минути.

Прво излупете ги и исчистете ги од семки, па изрендајте ги јаболката.
Путерот растопете го. Сите суви состојки измешајте ги. Плехот намастете го и набрашнете го, па истурете половина од измешаните суви состојки.

Одозгора нанесете ги ренданите јаболка, па преку нив втората половина од сувите состојки и полијте ги со тенок млаз со растопениот путер, водејќи сметка целата површина да биде прелиена. Печете во рерна на 170-180 степени околу 45 минути додека благо да зарумени. Кога ќе излади наросете шеќер во прав.