Многу лесно и едноставно се прават, штета би било да не ги пробате. Многу се вкусни и сочни, се топат во уста. Ова е познат турски десерт за кој има неколку варијанти во посна и масна верзија. Ние ќе ви го претставиме најдобриот. Состојките се мерат со чаша од 200 мл и филџан од 90 мл.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 1 филџан масло (90 мл) или растопен путер, 1 филџан гриз (85 г), 1 чаша кокос (30 г), 1 филџан густ јогурт/кисела павлака (130 г), 2,5 филџани брашно (190 г), 1 кесичка ванилин шеќер (5-8 г), 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г) и уште малку гриз. ЗА СИРУП: 2,5 чаши шеќер (425 г), 2,5 чаши вода (500 мл), парче лимон




ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го сирупот за да има време да се олади. Во едно тенџере ставете 2,5 чаши шеќер и исто толку вода, промешајте и ставете на оган. Можете веднаш да ставите едно тркалце лимон, или истото да го ставите пред крај. Од моментот на зовривање гответе 1 минута, па тргнете го сирупот настрана и оставете да се олади.




ЗА ТЕСТО: Во подлабок сад ставете 90 мл масло или растопен путер, додајте едно јајце, 30 г кокосово брашно, 85 г гриз, 130 г густ („грчки“) јогурт или кисела павлака, половина кесичка прашок за печиво и ванилин шеќер.




Добро изматете со лажица или шпатула додека состојките да се изедначат во хомогена смеса. Потоа додајте 190 г брашно. Промешајте со лажицата додека брашното да ја впие течноста, а потоа уште малку замесете со рака за да се изедначи тестото. На крај ќе добиете меко и сосем малку лепливо тесто.




Од добиеното тесто скинете третина или четвртина парче, па со помош на дланките формирајте долг и тенок валјак. Обидете се да биде рамномерно со еднаква дебелина. Потоа со помош на виљушка пртиснете го одозгора за да се сплосне и да се формираат шари.




Вака формираниот ваљак сечете го на парчиња со широчина 2-3 см, а секое парче валајте го во гриз, да се нафати убаво од сите страни. Колачињата редете ги во претходно малку намастен плех или обложен со хартија за печење. Постапката повторете ја со остатокот од тестото.




Вака подготвените колачи ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30-35 минути. Кога ќе бидат печени, извадете ги од рерната и оставете ги неколку минути да се подизладат, па прелијте ги со ладниот сируп.




Одозгора поклопете ги со друг плех или послужавник и оставете ги еден час вака додека да го впијат сирупот и да се оладат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.