Познатата „песок торта“ или порано позната и како „Интерконтинентал“, а можеби во старите тефтери можете да ја најдете и под некое друго име, може да се направи во посна или мрсна варијанта, во зависност од тоа какви состојки ќе користите. Целата е кремаста, нема потреба од печење и затоа брзо се подготвува.




Постапката всушност е многу проста и изгледа приближно вака: се вари погуст пудинг во обично или растително млеко, се соединува со путер или маргарин, па дели на три дела, а во секој дел се додаваат состојки по вкус, како кокос, чоколадо, мелени ореви, мелени кекси, нутела или друг лешников крем…




Може многу комбинации да правите, а истѕо така, нема некој редослед на слевите. Обично најдолу се става слојот со кексите или најгустиот, по ваша проценка, а најгоре би требало да се стави најмекиот крем.




Одозгора се украсува со шлаг, а доколку сакате, помеѓу слоевите можете да премачкувате и со некој лешников крем, топено чоколадо или нешто слично за да се збогати вкусот, но верувајте, нема потреба. Целата торта е толку кремаста и вкусна што се топи во уста. Кај мене дома се изеде во рекордно време, буквално за 5 минути. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 4 кесички пудинг со вкус на ванила, 330 г шеќер или по вкус, 250 г маргарин/путер, 200 г мелени кекси по избор, 200 г кокос, 200 г мелени ореви/лешници/бадеми. И уште: шлаг/чоколадна глазура/рендано чоколадо/сечкани лешници…

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 литар млеко, 5 кесички пудинг со вкус на ванила, 200 г шеќер во прав, 250 г маргарин/путер, 250 г мелени кекси, 200 г кокос и 250 г мелени ореви. За декорација шлаг или изматена слатка павлака.




ПОСТАПКА за рецепт 1: Ова е навистина брз колач кој многу лесно се приготвува и не може, а да не ви успее. Количината на состојките зависи од тоа колку голема сакате да ја направите тортата, само важно е да се запази соодносот на состојките. Овде се дадени мерки за торта со средна големина.




За почеток сварете ги четирите пудинзи, но не според упатството на кесичката (обично 40 г пудинг се вари во половина литар млеко), туку сите заедно, во еден литар млеко. Значи, одземете малку од млекото, во него растворете го прашокот за пудинг, убаво да нема грутчиња.




Остатокот од млекото заедно со шеќерот ставете ги на оган (количината на шеќерот прилагодете ја според ваш вкус, додајте или одземете од предложената мера). Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата, па полека во тенок млаз и со непрекинато мешање додајте ја смесата од пудинг.




Варете додека да згусне, а потоа пудингот тргнете го настрана, покријте го со стреч-проѕирна фолија и оставете го додека целосно да се олади до собна температура. Путерот кој исто така омекнал на собна температура, пенасто изматете го, а потоа во него постепено додавајте го изладениот пудинг, лажица по лажица и матете додека целосно да се соедини.




Смесата поделете ја на три еднакви делови. Во едниот дел додајте кокосово брашно, во вториот дел додајте мелени ореви, а во третиот дел додајте мелени бисквити по ваш избор. Треба да се додадат толку состојки за да се добие доволно цврст крем кој може да се мачка. Имајте во предвид дека кокосовото брашно со текот на времето уште повеќе згуснува.




Врз соодветна декоративна чинија за торта распоредете го прво филот со биксвити, преку него нанесете го кремот со кокосот, а на крај кремот со ореви. Одозгора украсете со изматен шлаг или прелијте чоколадна глазура. Декорирајте по желба.