Овој колач се подготвува во помал калап за торти со обрач 18 см, па доколку сакате поголема торта, тогаш сразмерно зголемете ги состојките. Колачот многу едноставно и брзо се приготвува (ако се одземе времето за ладење во фрижидер, ќе ви одземе само 5-10 минути подготовка). Па, дури и неискусните во кујна можат да го направат.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г темни – какао бисквити и 80 г Ги путер (тоа е прочистен путер, но може каков било). За бел фил: 400 г крем сирење (маскарпоне или некое слично), 50 г путер, 100 г бело чоколадо и 120 мл течна слатка павлака 33%. За чоколадна глазура: 120 мл слатка павлака (крем 33%) и 100 г црно чоколадо. И уште: 150 г бисквитни топчиња за декорација или нешто по ваш вкус.




ПОСТАПКА: Во блендер сомелете 200 г бисквити кои е најдобро да бидат со какао, за да се добие темно-црна подлога. На тој начин се истакнува контрастот на колачот со црно-белата боја.




Во мелените бисквити додајте 80 г растопен путер и промешајте додека двете состојки да се соединат. Треба да добиете смеса со конзистенција на влажен песок.




Калап за торти со флексибилен обрач (18 см) обложете го со хартија за печење на дното и страните, па во него рамномерно распоредете ја смесата и убаво натапкајте ја со лажица за да се израмни површината. Оставете во фрижидер да се стегне околу половина час.




БЕЛ ФИЛ: Во подлабок сад ставете го крем сирењето (400 г) и додајте 50 г путер омекнат на собна температура. Пенасто изматете со миксерот додека двете состојки да се соединат.




Во смесата додајте 100 г бело чоколадо, претходно растопено и малку изладено (чоколадото искршете го на коцки па растопете го или во микробранова печка или на пареа, а може и да го ставите и во кеса за замрзнување, па да го растопите во врела вода).




Откако ќе го додадете растопеното бело чоколадо, продолжете со матење додека да се соедини во смесата. тргнете го садот на страна, а во посебен сад ставете 120 мл слатка павлака со висок процент на млечни масти (33%). Пенасто изматете со миксер додека да добиете шлаг.




Шлагот додајте го во белиот крем, па промешајте со лажица или шпатула додека да добиете фина и нежна смеса. Белиот фил рамномерно распоредете го врз подлогата од бисквити и путер. Израмнете.




Врз кремот наредете бисквитни топчиња или нешто по ваш избор како дополнување на декорацијата, а може и да не ставате воопшто, доволна е и само чоколадната глазура. Оставете го колачот 3 часа во фрижидер.




Чоколадна глазура: загрејте ја слатката павлака но не дозволувајте да проврие, па заедно со чоколадото соединете ги додека да добиете убава сјајна глазура. прелијте ја врз тортата и вратете ја во фрижидер да се стегне, уште половина час. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.