Ова е многу декоративен колач, кој многу едноставно се приготвува: правите млечни топчиња од смеса која е готова за 5 минути, а потоа ги прелевате со течно чоколадо и чекате да се стегне. Потребни ви се 3 состојки, а колачот сигурно ќе ви успее. Топчињата од млеко и прелиени со чоколадо ќе станат вашиот омилен колач.




Она што е интересно е дека овој колач кој сами ќе го направите, би можеле да го носите како подарок за ваши мили пријатели, бидејќи верувајте, тие повеќе ќе го ценат овој колач, отколку купечкото чоколадо. Завиткајте го во пек-хартија и врзете му панделка – сите ќе бидат воодушевени.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г млеко во прав, 60-70 мл топла вода, 125 г млечно чоколадо. Постапка: во еден длабок сад измешајте млеко во прав и вода. Добро промешајте додека млекото убаво да се раствори, да нема грутчиња.




Потоа смесата ставете ја на рингла и загревајте на умерена температура додека да добиете густа смеса, а потоа исклучете ја ринглата, па малку со шпатулата обликувајте ја смесата додека да згусне и да може да се обликува со рацете. Оставете малку да подизлади.




Со помош на лажица црпнувајте од смесата и со двете дланки формирајте топчиња со различна величина, по ваша желба. Потоа земете го чоколадото и изрендајте го, или исечкајте го, но исто како да е рендано.




Чоколадото поделете го на два дела, па сместете го во две кеси за замрзнување. Во едната кеса треба да има повеќе чоколадо, а во другата кеса оставете да има помалку чоколадо.




Во врела вода прво ставете ја кесата која има помалку чоколадо и почекајте неколку минути додека да се растопи целосно чоколадото. Потоа исечете еден агол од кесата, па исцртајте правоаголник врз хартија за печење, а потоа пополнете го целиот правоаголник.




Врз чоколадниот правоаголник наизменично наредете ги поголемите и помалите млечни топчиња, по ваша желба, како би сакале да изгледа колачот. Потоа растопете ја кесата со поголемиот дел од чоколадо.




Растопеното чоколадо рамномерно распоредете го одозгора врз секое топче. Најдобро и најпрецизно ќе го направите тоа, доколку пресечете еден агол од кесичката за замрзнување во која го растопивте чоколадото.




Откако и ова ќе го завршите, малку протресете за да може чоколадото насекаде убаво да се распореди и разлие, па ставете во фрижидер да се стегне. Потоа исечете го вишокот, ако некаде чоколадото истекло од страните. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.