Фото: Изолда Семера

Пролетта е време на млади фиданки кои се вкусни и се јадат приготвени на најразлични начини. Со нож им се отстрануваат евентуалните трнчиња, па потоа можете да ги користите во разни супи, варива, во пити, чаеви, или да ги похувате како вкусна закуска.

Највкусни се кога ќе се помешаат со разни други билки во вкусни комбинации: на пример фиданчиња од дива капина, од папрат, медуника, коњско опавче, листови од тегавец заедно со ловор и листови од див лук: за вегетаријанци во комбинација со димен сејтан, а за месојадите со сланина, ама и не мора.

Капината е многу лековита билка, младите фиданки и бобинките се вкусна и здрава храна, а исто така и листовите се берат за лековити чаеви, додека бобинките се преполни со витамини, минерали и антиоксиданти.

Ако не сте знаеле, капините може да помогнат и при одвикнување од пушење. Наберете млади фиданки, речиси пупки и џвакајте ги. Оние што пробале велат дека после тоа цигарите имале грозен вкус и не можеле да пушат.

Листовите од капини и младите фиданки се дел од домашниот чај кој би требало да се пие наместо рускиот чај.

Овој чај се приготвува на следниот начин: една чајна лажичка со една шолја врела вода се остава 5-15 минути поклопено и потоа се процедува. Чајот не смее да се готви, бидејќи ќе ја изгуби аромата и лековитите материи. Се засладува по желба.

Листот од капина се бере рано напролет и тоа младите фиданки за варива, супи и чаеви. Веќе младите развиени листови може да се користат за чај: се сушат на топло место, на провев, а по сушењето се ситнат и складираат.

Чајот од лист од капини е многу ефикасен за лекување на дијареа, запира крвавење кај жени во климактериум, разни крвавења во желудник, црева и хемороиди.

Има силно антивоспалително дејство, па така со овој чај може да се дезинфицира усната празнина, да се испира грлото, да се лекуваат разни рани во устата, ангина, восплени крајници, гингивитис, фарингитис, парадентоза, како и зголемена телесна температура.

Од чајот може да се приготвуваат облози за разни кожни заболувања, лишаи, чиреви, осипи, акни, рани и слично.

Се користи при желудочни проблеми, подуеност, катар, надразнета слузокожа, чир..

Листовите од капина се добар дезифецијанс за кожа, усна шуплина и грло. При воспаление на непцата и скорбут треба да се џвакаат листови од капина, а при воспалено грло и крајници да се испира со чај во кој сме додале 5 до 10 капки прополис.

Младите фиданки и листови од капина, заедно со младите фиданки од коприва, бозел, јаглика и шумска јагода го прават познатиот пролетен чај, детоксикант за чистење на крвта.

За исфрлање на секретот и слузта од бронхиите користиме листови од капина, па приготвуваме билковен чај од лист од капина со мед и прополис. Ова го лекува желудникот и отвора апетит.

Листовите делуваат и како диуретик, го засилуваат мокрењето и лекуваат застој. Во народната медицина за проблеми во бременоста традиционално се препорачува пиење чај од листови од малина за да се спречи несакан абортус, а во недостиг на лист од малина може да се користат листови од капина.

Афродизијското дејство на бобинките од капина било познато уште многу одамна, па затоа се џвакале листовите за поголема потенција.

Инаку, ако долниот дел од листовите е мазен, тоа значи дека на тоа место има многу подземни води, а ако долниот дел од листот е влакнест, тоа значи дека подземни води има многу малку или се многу длабоко.

ЧАЈ: 2 чајни лажички сув лист од капина се прелива со шолја врела вода и после 15 минути се процедува. Се засладува со мед, се додава лимон, а за испирање останува без додатоци.

За лекување на болести на желудникот и цревата, бело прање и дијареа: се мешаат еднакви делови сув лист од капина и жалфија. Две големи лажици од оваа мешавина се прелива со 1 литар врела вода и после 3 минути се процедува. Се пие еден литар дневно. Не смеат да го пијат лица со тврда столица.

Во еднакви делови се мешаат лист од капина и лист од малина. Кога ќе се исушат се дробат во прав. Се прелива со вода и се покрива со памучна крпа. Се остава да ферментира 2-3 дена. Потоа се раширува, брзо се суши и се складира во добро затворени садови.

Овој чај е многу вкусен и може да се пие секој ден.

Облози: свежи листови се толчат за да пуштат сок, па се ставаат на раната или осипите на кожа. Истовремено се пие по 3-4 шолји чај од лист од капина. На овој начин се чисти крвта и се лекуваат сите кожни заболувања. Терапијата трае повеќе денови или седмици.

Препорака: бремените жени треба да пијат месец дека пред пораѓај чај од лист од капини за да имаат безболно и лесно пораѓање.

Фото: Изолда Семера