Потребни состојки:

200 г маргарин / путер

1 јајце

1 чаша кисела павлака

1 прашок за печиво

1 лажица шеќер

Малку сол

100 мл млеко

500 г брашно +-

За фил:

Јас ги сакам штрудлите со богат фил, да има многу фил, па на една штрудла ставам околу 200 г мак (ореви, бадеми, рогач…-

За две штрудли со мак:

400 г мак

100-200 мл млеко

1 портокал – рендана кора

Шеќер по вкус, малку цимет

За една штрудла со ореви:

200 г ореви

100 мл врело млеко

шеќер по вкус

1 лимон – рендана кора

Во двата фила по желба можете да додадете рум, ванилин шеќер, суво грозје… или нешто друго по ваш вкус.

Постапка:

Во подлабок сад ставете ги состојките, сите по ред. Маргаринот треба да биде омекнат. Брашното секогаш го ставам на крај, така ми е полесно, бидејќи по структурата на тестото најдобро проценувам колку ми треба. Главно околу половина килограм, а тестото треба да биде средно тврдо.

Ако го ставите брашното на почеток, па излезе посуво тестото, можете да го доработите со додавање на уште малку млеко.

Кога ќе се замеси тестото, поделете го на 3 топки. Не мора долго да стои, туку за времето кое ви е потребно за да го приготвите филот.

Во макот ставете шеќер и попарете го со врело млеко, изрендајте кора од портокал, ставете цимет и сето добро измешајте го. Треба да биде лепливо. На истиот начин се приготвува и филот од ореви.

Тестото се развива доста тенко во облик на квадрат и се премачкува со филот речиси до самиот крај. Оставете околу 2-3 см празно, за да може тестото кога ќе се завитка добро да се залепи, а филот да не истекува надвор. Исто така и краевите на штрудлата треба да се затворат со прсти.

Вака повторете и со останатите 2 топчиња.

Штрудлите редете ги на намастен плех и одозгора премачкајте ги со изматено јајце во кое сте додале малку масло. Сум слушнала дека од ова не пука тестото. Така мама вели, а јас слушам.

Се пече на 200-220 степени околу половина час. Кога одозгора ќе добие убава боја, тогаш е готово. Кога ќе ги извадите штрудлите од рерна, покријте ги со кујнска крпа, додека малку да се изладат и тогаш само сечете и јадете.