Веројатно секој си има некој свој рецепт за мини пици, не е ништо ново, но ако некој не ги правел, еве рецепт, па нека ги проба. Јас вака ги правам веќе 10 години и мене ми се супер. На располагање имате три рецепти, сите се добри, но различен состав, па вие одлучете кој најмногу ви одговара.

РЕЦЕПТ 1

Потребни состојки:

1 кг брашно
1 коцка квасец
300 мл млеко
1 лажица шеќер
1,5 лажица сол
150 мл масло

За фил:

1 чаша павлака (180 г)
300 г шунка
250 г мек путер или маргарин
3 жолчки
по вкус кисели краставички

Постапка:

Квасецот разматете го во млако млеко со шеќер, па кога ќе се активира замесете го тестото со останатите состојки. Измесете го убаво тестото додека да стане мазно, па оставете го да ја удвои величината.

Пригответе го филот: исечкајте ја шунката и краставичките, па додадете жолчки, павлака и маргарин.

Тестото поделете го на четири делови, па секој дел развлечете го во правоаголна форма, премачкајте го со путер и филувајте го. Тестото свиткајте го како ролат, па сечете парчиња со дебелина од 1-2 см.

Редете ги мини пиците во намастен плех, оставете ги малку да стасаат, па печете ги во загреана рерна на 220 степени. Пред крај од печењето премачкајте ги со кечап, наросете оригано, и по желба врз нив наросете рендан кашкавал.

Вратете во рерна уште 5 минути колку да се растопи кашкавалот и пиците се готови. Идеални се како вечера со чаша јогурт, а може и за појадок.

РЕЦЕПТ 2:

Фото и рецепт: Зорка Јанчева

Потребни состојки:

2 кг брашно
500 мл млеко
1 лажица сол
1 лажиче шеќер
2 коцки квасец
200 мл масло
млака вода по потреба за домесување

Фил:

Кашкавал, шунка, кечап, оригано, по ваша желба.
За премачкување: 1 јајце и 1 лажица кисело млеко

Постапка:

Се замесува средно меко тесто кое се остава да стасува. Се намастува со една лажица масло, се премесува и се остава на второ стасување.

Фото и рецепт: Зорка Јанчева

За тоа време се приготвува филот: кашкавалот се ренда, шунката се сечка ситно.

Кога тестото ќе го удвои својот волумен се дели на четири делови. Секој дел се расукува во четириаголна кора, се премачкува со кечап, се наросува оригано, кашкавал и шунка, па се витка во ролат.

Фото и рецепт: Зорка Јанчева

Се сечат парчиња и се редат во плех обложен со хартија. Се оставаат малку да стасаат, се премачкуваат со изматено јајце и една лажица кисело млеко.

Се печат во загреана рерна на 200 степени околу 10-15 минути.

РЕЦЕПТ 3

Потребни состојки:

1 кг брашно
2 коцки квасец
1 прашок за печиво
3 филџани за кафе масло
250 мл млеко
250 мл млака вода
3 лажички шеќер
2 лажички сол

Постапка:

Се активира квасецот во млака вода со малку шеќер и брашно, па со останатите состојки се замесува убаво еластично тесто.

Тестото се остава да стасува 15-тина минути, а потоа се размесува и се дели на три делови.

Секој дел се развлекува во правоаголна кора со големина на лист хартија од А4 формат. Кората се премачкува со кечап, се додава шунка и кашкавал, се наросува оригано, па се витка како ролат.

Ролатот се сече на парчиња дебели околу 2 см или по ваша желба. Од еден ролат излегуваат околу 20 мини пици. Се редат легнати во намастен плех или обложен со хартија, се наросуваат со оригано и врз секоја мини пица се става мало парче маргарин или путер. Откако малку ќе стасаат се печат во загреана рерна на 200 степени.