Ѓеврек кифличките се приготвуваат многу лесно и едноставно, а може да бидат солени, слатки или празни. Вкусот на сусамот им дава посебна магичност на овие кифлички, бидејќи потполно се навалкани во него. Верувам дека ќе ви се допаднат.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млако млеко, 150 мл масло, 100 мл млака вода, 1 кесичка сув квасец, 2 јајца, 1 лажица шеќер, 1 неполна лажица сол, 750 г брашно тип 400 (сенаменско). За натопување: 40 г мед, 40 мл вода и 200 г истостиран сусам

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за месење ставете 250 мл млако млеко, додајте една лажица шеќер и една кесичка сув квасец, па сето добро измешајте го додека да се растворат состојките. Оставете на топло место 5-10 минути за да се активира.

Кога квасецот ќе запени и ќе се активира, додајте 100 мл млака вода и 150 мл масло за готвење. Потоа додајте и две цели јајца кои претходно биле отстојани на собна температура (ако ставите ладни јајца од фрижидер, може да се случи да се стопира ферментацијата на квасецот).

Добро промешајте да се изедначат сите состојки. Во брашното додајте една неполна лажица сол и промешајте, а потоа брашното започнете постепено да го додавате во течните состојки со непрекинато мешање.

Додека можете мешајте со лажица, а потоа месењето продолжете го со рака. Треба да добиете меко и мазно тесто кое не се лепи за рака. Покријте го со проѕирна фолија и крпа, па оставете го на топло место да стасува околу еден час.

За тоа време на сува тава потпечете 200 г сусам со постојано мешење, додека да се истостира и убаво да замириса. Кога малку ќе пожолти веднаш тргнете го од оган и оставете го да се олади.

После еден час откако тестото ќе стаса и ќе го зголеми двојно својот волумен, истресете го врз набрашнета работна површина и нежно премесете го. Со помош на дланката кинете топчиња со величина на дланка (тениско топче) или помали.

Формираните топчиња оставете ги на страна и покријте ги со фолија за да не се сушат. Потоа, земете едно топче и со прстите од раката сплескајте го во дебела коричка. На средината ставете една лажица од приготвениот фил, па спојте ги краевите од кората, така да се спојат за да не истекува филот.

Растопете 40 г мед и додајте 40 мл вода. Промешајте додека да се раствори. Приготвените кифлички најпрво натопувајте ги во оваа течност, а потоа валкајте ги во сусамот. Редете ги во плех обложен со хартија за печење.

Моете одозгора малку да ги засечите за да имаат поубав изглед, а потоа вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Кога ќе се загрее, ставете ги да се печат околу 20-тина минути. Печените кифли оставете ги добро да се оладат.

Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. За повеќе рецепти заследете ја NMD.mk, лајкнете ја и споделете ја нашата страница. Следно прочитајте: „Ако имате 1 јајце, 1 чаша јогурт и малку брашно, направете ги најдобрите сусам-уштипци“ – ОВДЕ.

Ако имате 1 јајце, 1 чаша јогурт и малку брашно, направете ги најдобрите сусам-уштипци