Медицинската салата е рецепт од минатиот век, од нашите мајки, а особено беше популарна во 80-тите години. Преполна е со витамини, а името „медицинска” го добила по тоа што за да се засили дејството на конзервансот се ставаат таблети ацетисал или аспирин. Во овој рецепт на 3 кг зеленчук се става 1 кесичка конзерванс, но кој не сака, не мора да го користи.




РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 2 кг пиперки везенки, 1 кг моркови, ½ шолја од кафе шеќер, ½ шолја од кафе сол, 3 шолји од кафе винска киселина 4%, 250 мл масло, 2 апчиња ацетисал, 1 конзерванс, лук по вкус и 1 китка магдонос

Постапка: пиперките измијте ги со ладна вода, исчистете ги од петелките и семето, исцедете ги, наредете ги во тепсија и кратко запечете ги во рерна, колку малку да омекнат. Кој сака луто, може да стави половина благи, половина лути пиперки.




Потоа оставете ги да изладат и исечете ги на парчиња со средна величина. Морковите измијте ги и исчистете ги, па кратко подварете ги во вода со малку сол. Потоа исцедете ги и исечете ги на помали коцки.




Измешајте ги исечените пиперки и морковите. Додадете ситно сечкан свеж магдонос, лук по вкус, сол, шеќер, масло, винска киселина со јачина од 4%, конзерванс и две таблети ацетисал/аспирин. Промешајте, поклопете и оставете така два часа за да се соединат вкусовите и да се растопат состојките.




Потоа полнете ги теглите, затварајте ги со врели капаци, и завитајте ги во топло. Така завиткани оставете ги цела ноќ, а следниот ден ставете ги во шпајзот, на ладно и темно заедно со другата зимница. Совет: за подобро да се растворат таблетите, претходно издробете ги помеѓу две лажици додека да добиете прав.




РЕЦЕПТ 2 – Медицинска салата – АПЕТИТКА / Фотографија и рецепт на Петров Петров. Мојата најомилена салата не знам точно име ама некои ја викаат Апетитка.




Потребни состојки: 1,5 кг везени пиперки, 2 кг моркови, 1 китка магдонос, 3 – 4 чешниња лук. Постапка: се чистат пиперките од семето и се ставаат во плех и во рерна да се потпечат околу 30 минути на 230 степени. Морковите се обаруваат многу малку и се сечат на кругови. Потпечените пиперки се сечат на помали парчиња и се мешаат со морковите, магдоносот и лукот.




За солило: 1 и пол лажица едра сол, 1 мало лажиче шеќер, 2 филџани масло, 4 филџани вински оцет. Постапка: се загрева колку да се растопи солта и се преливаат морковите и пиперките, се остава 24 часат да стои салатата покриена со капак.

Се собира во тегли и се зовриваат теглите во рерна за да се вакумираат убаво. (јас ставив 1 кг благи везени и пола кг лути) од оваа доза излегуват 4 големи и 1 мали тегли.




РЕЦЕПТ 3 – Царска медицинска туршија во тегли со аспирин – готова е за 5 минути. Аспиринот содржи салицилна киселина и служи за подобра конзервација на зеленчукот. Секако, може и без нив ако се пастеризираат теглите или ако се додаде конзерванс.




Потребни состојки: 2 кг зелка исечкана на средни коцки, 1 главица карфиол поголема исечкана на цветчиња, 700 г моркови исечкани на тркалца, 1 кг црвени пиперки исечкани на коцки, 5 листови целер, крупно исечени, по 4 лажици бел оцет 9% за секоја тегла, по 1 лажица шеќер за секоја тегла, по 1 лажица сол за секоја тегла, по 2 апчиња аспирин за секоја тегла и зовриена вода за дополнување на теглите.




Постапка: Зеленчукот убаво измијте го под млаз ладна вода и оставете го да се исцеди. Една поголема главица зелка од 2 кг исчистете ја од надворешните листови и отстранете и го тврдиот кочан. Потоа исечкајте ја на коцки приближно 1х1 цм.

Карфиолот откако ќе го измиете отстранете му ги тврдите делови и исечкајте го на цветчиња со средна величина. Морковите исчистете ги и исечете ги на тркалца со големина по ваша желба. Пиперките исчистете ги од семето и петелките, па и нив исечете ги на коцки, а листовите од целер може да ги искинете или исечете покрупно.

Стаклените тегли стерилизирајте ги во рерна на 90 – 100 степени околу половина час, па откако ќе изладат започнете да ги полните со зеленчукот. Во секоја тегла ставајте по една рака од секој зеленчук (или можете истиот претходно да го измешате во голем сад).

Во секоја тегла ставете 4 лажици бел оцет 9%, по една лажица сол и шеќер, како и две апчиња аспирин. Прелијте со врела вода одозгора да се прекрие зеленчукот до врвот и веднаш затворете ја теглата со метален капак.

Теглата преврете ја наопаку, а после 10 минути превртете ја уште неколку пати за да се растопат таблетите. Уште подобро ако аспиринот претходно го изгмечете во прав.