Мора да се признае необичноста на овој рецепт. Голем број од читателите беа изненадени од начинот на подготовката, но и од самите состојки кои се користат за негово приготвување. Имено, за тестото за палачинки се користат мелени сирови компири, кои потоа се филуваат со смеса од сирово месо.




Секако, многумина не се сложија со овој начин, но не можеа да одолеат а да не го испробаат, па јадењето го приготвија на свој начин: компирите кратко ги обарија пред пасирање, а месото кратко го издинстаа пред филувањето на палачинките.




Како ќе ги приготвите вие овие необични палачинки филувани со мелено месо – останува на вас. Но, секако, не пропуштајте да ги направите, зошто ние ги направивме и можеме да потврдиме дека навистина се превкусни!




Потребни состојки за палачинки: 800 г компир, 80 г кромид, 50 г брашно, 1 јајце, 30 г павлака, 5 г сол (една мала лажичка), 3 г црн пипер во прав (половина мала лажичка). За фил: 300 г мелено месо, 80 г кромид, 5 г црвен пипер, 5 г сол, 3 г црн пипер, 2 јајца. За сос: 50 г кашкавал, 2 јајца, 80 г павлака




ПОСТАПКА: 800 г компир измијте, излупете и исечете на коцки (во рецептот се користи сиров компир, но можете да го издинстате 10-тина минути, да го процедите и изладите). Кромидот излупете го и исечете го крупно, па додајте го во компирот. Сомелете ги заедно во блендер или најдобро со рачен миксер доколку имате.




Потребно е да добиете кашеста смеса. Додајте едно јајце и 50 г брашно, па зачинете со сол и црн пипер. На крај додајте 30 г кисела павлака. Помешајте со лажица или шпатула додека сите состојки убаво да се соединат во хомогена смеса (малку погуста од онаа за класичните палачинки).




На намастена нелеплива тава пржете ги палачинките, на вообичаен начин, додека од двете страни убаво да заруменат. Во меѓувреме пригответе го филот со мелено месо: во 300 г мелено месо додајте 80 г мелен кромид, сол и црн и црвен пипер.




Во оригиналниот рецепт се користи сирово месо, но препорака на читателите е месото претходно малку да се пропржи. Вие постапете како вам најмногу ви одговара. Откако ќе ги измешате сите состојки додајте и едно јајце, па уште еднаш кратко промешајте.




Доколку не го пропржувате месото, тогаш со добиената смеса директно премачкувајте ги компировите палачинки. Меѓутоа, како што напоменавме, можете месото кратко да го пропржите додека да зарумени и да испарат течностите (овој начин го сугерираат читателите кои го испробаа рецептот).




Филувајте ги палачинките, а потоа виткајте ги во ролнички. вака спакуваните ролнички редете ги во намастен огноотпорен сад си димензии 19х15 см. Потоа пригответе го преливот: во еден сад ставете 80 г кисела павлака, 2 јајца и 50 г рендан кашкавал.




Промешајте за да се изедначат состојките, па посолете и запиперете по вкус. Добиениот прелив нанесете го рамномерно преку палачинките. Ставете го во загреана рерна да се потпече околу половина час, на 180 степени. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.