Се викам Марија, од Скопје сум, а во Соединетите Американски држави дојдов пред три години преку програмите work and travel, на една наша агенција.

Планирано беше овде да останам само неколку месеци. Првично бев упатена во едно мало гратче во Калифорнија, кое се наоѓаше во планинско место. Сто пати се покајав што дојдов. Дневницата беше повеќе од скромна, 5 долари на час, но најзафркнато беше што бакшишот беше исто така слаб.

Забава нула. Само работа и дома. Поголемиот град во кој можеше нешто да се испазари и да прошеташ и видиш нешто интересно беше на триесет минути возење од овде. Ми се сруши сонот, искрено.

Но некако издржав три месеци, а и немав друг избор. Планот за назад беше да го посетиме Чикаго и Њујорк. Живеев да дојде тој момент. И дојде.

Чикаго ми остави одличен впешаток, но просветлување доживеав кога слетавме во Њујорк. Уште на самиот аеродром, при излезот за момент помислив дека се наоѓам во сцена од филм. Толку реално.

Накратко, во Њујорк се вљубив на прв поглед и длабоко во себе посакав овде да останам засекогаш!

Вториот ден од престојот, при прошетка низ Менхетн со другарка, почна да врне и влеговме да се засолниме во еден ресторан, во близина на познатата сала “Медисон Сквер Гарден”.

Се врткавме помеѓу масите, ни беше страв да седнеме, се плашевме да не се ужасно високи цените. Но сепак, решивме да седнеме и да пиеме по едно кафе. Кога тргнавме накај една од масите, кон нас се упати еден човек (подоцна разбрав дека тоа бил менаџерот на ресторанот) и не запраша:

-Вие ли сте девојките што вчера прашувале за работа. За тоа ли стоите и чекате?

Без двоумење, како од пушка одговорив -ДА

Другарка ми ме пшогледна чудно, но веднаш сфати за што се работи. Сепак, таа се огради и рече дека е само моја придружничка, не е за работа. Џејсон ми рече, напојницата ќе ти биде 12 долари од час, ќе бидеш конобар, бакшишот го делиш со шанк и кујна. Нормално се согласив.

Потоа ме предупреди дека првите два дена ќе бидат пробни, по што би добила стална работа.

Бев пресреќна. Другарката се обидуваше да ме освести, потсетувајќи ме дека следниот ден треба да летаме за Македонија. Но јас бев решена да останам. Така и направив.

Луѓе, прекрасно ми е овде. Кога ќе одбијам храна и смештај, ми остануваат околу 2 илјади долари чисти месечно, што е одлично. Единствена потешкотија ми е што не можам да се видам со моите, ама се надевам дека наскоро ќе го регулирам престојот и таа желба ќе ми се оствари.

Америка  и посебно Њујорк е за луѓе со соништа. Јас го живеам мојот!

За Галама, Марија С.
Овој текст е авторски и не смее да се копира и реемитува на други портали без дозвола од редакцијата на Галама