„Верувам дека многумина од вас ќе се сложат со мене дека секому неговата мајка му готви најдобро, па така и мојата мајка е одлична домаќинка и готвачка од која многу научив. Тортите ги прави исклучиво по стари рецепти кои ги собирала од свекрва и, од баби, тетки и сосетки.
Мамината Реформ торта е врв на нејзината умешност, а ја приготвува речиси за секоја слава и семејно собирање за било кој повод, бидејќи ние тоа го бараме од неа, а нејзе не и е тешко да ни ја направи.
Мамината реформ торта е вистинска рапсодија од ореви и чоколадо, јака и моќна, а цврста и кремаста истовремено. Не е претерано комплицирана за приготвување, особено ако веќе знаете како се прават кори од белки и крем од варени жолчки на пареа.
Иако мамината верзија е апсолутно совршена, сепак воведов ситни измени во нејзиниот рецепт кои ги наведов во рецептот. И, нека не ве плашат количините на состојките, бидејќи тортата излегува баш голема. Ако сакате помала, соодветно намалете ги количините“, вели Марина Станојевиќ. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за кори: 24 белки, 600 г шеќер, 600 г ситно сечкан орев, 6 супени лажици лебни трошки *презла), 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ФИЛ: 24 жолчки, 500 г шеќер, 200-300 г чоколадо, 500 г маргарин или путер
ПОСТАПКА: Мама прави три кори во плех 25х35 см, секоја со по 8 белки, додека јас ја користев мојата омилена димензија за плех 22х32 см и правев 4 кори од по 6 белки, на следниот начин:
Пенасто изматете ги белките (6) во цврст шам, па постепено додавајте 150 г шеќер и миксајте додека целосно да се раствори. Додајте 150 г ситно сечкани или мелени ореви, 1.5 лажица лебни трошки и една четвртина од прашокот за печиво. Мешајте со лажица или кујнска шпатула со бавни движења.
Смесата треба да остане пенлива и воздушеста. Рамномерно распоредете ја во претходно подготвениот плех обложен со хартија за печење, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени, 25-30 минути. На истиот начин пригответе ги и другите кори.
ФИЛ: Изматете ги жолчките со шеќерот, па варете ги во сад на пареа додека да згуснат со непрекинато мешање. Додајте коцки чоколадо да се растопат, па оставете филот да се олади на собна температура.
Пенасто изматете го омекнатиот путер на иста собна температура како и филот, па во него започнете малку по малку да го додавате оладениот фил, непрекинато матејќи. Филот е спремен, па можете да започнете со филување на тортата:
РЕДЕЊЕ: На десертна чинија поставете ја првата кора, премачкјате ја со третина фил, преклопете ја со вториот фил, распоредете ја втората третина од филот, па третата кора и остатокот од филот. Редењето завршете го со четвртата кора и целата торта оставете ја во фрижидер да се олади, најдобро преку цела ноќ.
Мама најчесто ја прелива со растопено чоколадо, а јас ја декорирав со ганаш крем: 200 г чоколадо растопете во 200 мл загреана слатка павлака. На мамината Реформ торта не и е потребна декорација за да биде кралица на тортите. Рецепт и фотографии на Марина Станојевиќ. Рецептот за посната верзија на оваа торта можете да го прочитате ОВДЕ.