„Од најновото патување во Македонија се вартив носејќи со себе рецепти за уште повеќе слатки десерти од мојата драга мајка Зоре Терзиева. Ова е нејзин рецепт кој сите нè воодушеви, а особено ќерка ми која толку многу изеде што дури ми падна непријатно..

Ова е еден од оние колачи кои не ги сакав поради мирисот на млекото во прав, но овде го нема и топчињата ми се навистина многу вкусни“, вели Милица. Еве што ви е потребно за да ги приготвите овие вкусни бели топчиња:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 15 супени лажици шеќер, 10 супени лажици скроб/нишесте/густин, 250 г путер, 200 г кокос, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 3 лажици ликер од кокос (може и без него). И уште: 200 г пржени, лупени лешници, 100 г кокосово брашно, хартиени корпички

ПОСТАПКА: Густинот и шеќерот измешајте ги со малку млеко да добиете смеса како кога варите пудинг: мазна, хомогена и без грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган да се загрева на умерена температура.

Штом зоврие, тргнете го тенџерето настрана, сипете ја растворената смеса и вратете назад да се вари со непрекинато мешање додека да згусне. Добиениот крем најдобро е да го претурите во друг сад да се лади покриен со проѕирна фолија или кеса за да не се прави коричка. Или пак, оладете го со повремено промешување.

Кога смесата ќе се олади до собна температура, изматете ја со миксерот. Настрана пенасто изматете омекнат путер, па постепено соединете ги со непрекинато матење (лажица по лажица додавајте од кремот во путерот).

На крај додајте го кокосот и промешајте. Со малку намокрени раце обликувајте топчиња со големина по ваша желба. Во средината од секое топче ставајте пржен и излупен лешник, па топчињата валајте ги во кокосово брашно.

Послужете ги во хартиени бели корпички, добро изладени. Втората верзија за приготвување, исто така, без млеко во прав и рецепт со видеопрезентација можете да погледнете ОВДЕ. Топчињата можете да ги направите однапред и да ги замрзнете, многу брзо се одмрзнуваат.

Од оваа количина добив 62 топчиња од половина доза, а ги полнев во хартиени корпички со најмала димензија, така што, ако ја правите цела доза може да добиете и 100 мали топчиња. Рецепт на Милица / Сооlinarika.сom