Рецепт и видео презентација на Том Филос – Лиснати ролнички со кисела павлака. Одличен рецеп за многу меки печива, лесни како памук, а вкусот е неодолив. запишете си го рецептот и во следната пригода направете ги и изненадете ги вашите најмили.

Потребни состојки за тесто: 250 мл малко млеко, 100 мл млака вода, 70 мл масло, 2 белки, 1 лажичка сол, 2 лажици шеќер, 10 г сув квасец (една кесичка) и 800 г брашно.

Ќе ви биде потребен и еден растопен путер за премачкување на корите и околу 500 г кисела павлака. Ролничките одозгора се премачкуваат со две жолчки разматени со малку млеко и масло. По желба кој сака може да нароси и сусам.

Постапка: Доколку имате електричен миксер за месење тесто, веднаш ставете ги сите состојки за тестото и вклучете го апаратот добро да ги измикса состојките и да го измеси тестото.

Ако тестото го месите рачно, тогаш во еден подлабок сад ставете ги течните состојки (млекото и водата), додадете шеќер, масло, две белки од јајце (на собна температура) па постепено додадете го брашното и солта. Прво мешајте со лажица , а на крај замесете со рака.

Треба да добиете фино меко и мазно тесто. Покријте го со проѕирна фолија и крпа, па оставете го добро да стаса на собна температура или на топло, додека да го удвои својот волумен, околу еден час. Потоа истресете го на работна површина и поделете го на два еднакви дела.

Секој дел премесете го подебно и формирајте го во топка. Двете топки тесто оставете ги врз набрашнета работна површина и покријте ги со крпа. Оставете ги 10-тина минути да одморат, а потоа земете едно од тестата и со оклагија развлечете го во тенка кора.

Преку целата површина премачкајте ја кората со растопен путер. Користете силиконска четка за рамномерно нанесување. Потоа кората здиплете ја трипати надолжно, а потоа кога ќе добиете долгнавест правоаголник, здиплете го на трипати за да добиете квадрат.

Вака здипленото тесто (вообичено за лиснато тесто, можете да го здиплите и на поинаков начин), ставете го во чинија претходно намастена исто така, со растопениот путер. Одозгора покријте го со проѕирна фолија за да не се суши, па оставете го во фрижидер околу 15 минути.

За тоа време на ист начин развлечете го и второто тесто: развлечете го во тенка кора, премачкајте ја кората со растопен путер преку цела површина, а потоа спакувајте го како за лисното тесто, во намастена чинија, покриено со проѕирна фолија, да отстои во фрижидер.

После 15-тина минути, извадете го првото тесто од фрижидер и ставете го врз набрашнета површина. Со помош на лесно притискање со оклагијата, развлечете го во правоаголна тенка кора. Преку цела површина премачкајте ја кората со кисела павлака.

Потоа од едниот крај (од подолгата страна) започнете да ја виткате кората во ролна. Ролатот најпрво пресечете го на половина, па на четвртини, а секоја четвртина на по три делови. Така, од еден ролат ќе добиете 12 лиснати ролнички – полжавчиња.

Готовите ролнички редете ги во тенкиот плех од рерна, претходно обложен со хартија за печење. Ролничките редете ги исправено, едно покрај друго, на приближно 1-1,5 см растојание едно од друго. Повторете ја постапката и со другата кора. Ќе добиете вкупно 24 ролнички.

Вака наредени покријте ги со проѕирна фолија, а одозгора со крпа и оставете ги да стасуваат половина час. По изминатото време, стасаните ролнички премачкајте ги одозгора со мешавина од две жолчки и малку млеко и масло, а по желба кој сака може да нароси сусам.

Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 25 минути или додека убаво да заруменат, во зависност од рерната. Кога се печени извадете ги од рерна, покријте ги 5 минути со крпа, па послужете ги топли. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.