Од малку состојки добивате 80 вкусни и декоративни колачиња. Тестото одлично се обликува, па освен лимони, од него можете да си формирате било какви други облици, а при печењето ја задржува и не се рони. Наместо маст или путер, може да се користи наменски маргарин за колачи.

Во зависност од вашата рерна, но и од големината на колачињата, времетраењето на печењето треба да се приспособи за да останат колачите светли. Во продолжение прочитајте ги најдобрите рецепти за лимончиња и праскички, сите се супер едноставни и вкусни, само треба да набавите боја за готвење и да уживате во нивното приготвување. Можете да ги замрзнете пред боењето и да ги вадите по потреба. Еве што ви е потребно:

РЕЦЕПТ 1 – ЛИМОНЧИЊА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 50 г маст + 50 г путер/наменски маргарин, 100 г шеќер, 1 мала лажичка сода бикарбона, 1 кесичка ванилин шеќер, 150 мл млеко, ½ прстофат сол, 2 жолчки, кора од лимон.

ЗА ФИЛ: 2 белки, 200 г мелен бадем/лешник, 2 кесички ванилин шеќер, 130 г шеќер, кора од 2 лимони, 1-2 лажици рум или мараскин/сок од лимон/лимончело/ракија. За боење: жолта боја во прав, 300 мл млеко, 200 г ситен кристален шеќер, 1 лажица мараскин/рум/лимончело..

РЕЦЕПТ 2 – ПРАСКИЧКИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 12 жолчки (тврдо варени), 12 лажици шеќер, 425 г путер, 2 прашок за печиво, 2 ванилин шеќер, малку лимонов сок, 4 шолји од 200 мл брашно и 1 прстофат сол. ЗА ФИЛ: Ронките од колачите што се длабат, 1 филџан рум, џем од кајсии или праски, малку рендано чоколадо, 2 шолји мелени ореви

рецепт 2

РЕЦЕПТ 3 – ПРАСКИЧКИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 големи или 3 јајца со средна величина, 180 г шеќер, 225 мл масло, 3 лажици млеко, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 лажички прашок за печиво (1 кесичка), 3 лажици брашно, 425 г брашно. ЗА ФИЛ: 350 г домашен џем од сливи, 150 мл рум и трошките од издлабените колачи.

рецепт 3

ПОСТАПКА за рецепт 1: Во длабок сад пенасто изматете го путерот омекнат на собна температура заедно со шеќерот, па додајте му ги јајцата, па ренданата кора од лимон, а потоа постепено додавајте го брашното помешано со сода бикарбона (или прашок за печиво), а на крај, со последното додавање на брашното, тестото замесете го рачно. Добиеното тесто оставете го два часа во фрижидер убаво да се олади и стегне.

После два часа тестото малку премесете го со прстофат брашно, па развлечете го во голема тенка кора (за полесна работа може да го поделите на два или три дела). Сечете кругови со модла или чаша, а во средината на секој круг ставете лажичка фил.

Потоа здиплете го кругот на половина, спојте ги краевите да личи на бонбонче-лимонле. Колачите редете ги на плех обложен со хартија за печење, па пикнете ги во загреана рерна на 160 степени и печете ги 20 минути (или 12-15 мин на 150 степени за посилна рерна).

Печените колачи оставете ги да се оладат, а потоа кратко натопувајте ги во млеко, во кое претходно сте додале боја и мараскино(или рум). Потоа валајте ги во шеќер да се нафати убаво од сите страни. Обојувајте ги целите во жолта боја, а на краевите малку капнувајте зелена за да добијат поприроден изглед.

ФИЛ: Изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот додека да добиете цврст снег, па потоа додајте ги мелените бадеми и зачините и промешајте со лажица. Ако ви се чини дека филот е редок, тогаш додадете 1-2 лажици лебни трошки (презла) или уште мелени бадеми. Еве ја постапката за праскичките:

ПОСТАПКА за рецепт 2: Од сите наведени состојки во поголем сад се замесува мазно тесто. Доколку имате време оставете го половина час да одмори во фрижидер. Од тестото се кинат топчиња со големина на орев. Се редат во плех обложен со хартија и се печат на умерена температура (180-200 степени) додека да добијат убава жолтеникава боја.

Печените колачи оставете ги да се оладат, а потоа внимателно издлабете ги во средината, па наполнете ги со фил (сите наведени состојки се мешаат додека да се добие густа смеса). Откако ќе ги наполните праските и ќе ги соединете две по две, преминете на боење.

БОЕЊЕ: Во една чинија ставете малку вода, додајте шеќер и рум, па промешајте. Во друга чинија растворете ја бојата со вода во која сте додале малку рум. Едната половина потопете ја во едната чинија, а другата страна во црвената боја, па потоа валајте во кристал шеќер. Еве ја постапката и за последниот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 3: Со миксер изматете ги јајцата и шеќерот, па додајте го маслото. Кога ќе се соедини со јајцата, додајте 3 лажици млеко и ванилин шеќер, и на крај додадете 2 лажички прашок за печиво и 3 лажици брашно. Кога убаво ќе се соедини смесата, оставете ја во фрижидер да отстои 2 часа.

Извадете ја после два часа па постепено додајте 425 г брашно и замесете тесто. Истресете го на работна површина и по потреба додајте уште малку брашно додека да добиете убаво мазно тесто. Од тестото кинете мали парчиња и обликувајте мазни топчиња. Редете ги во плех обложен со хартија за печење. Загрејте ја рерната на 150-160 степени и печете ги 15-20 минути, колку малку да заруменат, но сепак да останат светли.

Печените колачи оставете ги да се оладат, а потоа издлабете ги во средината. Трошките помешајте ги со џем и додајте рум за арома. Полнете ги топчињата и спојувајте ги две по две. Пригответе два сада и во секој ставете по 85 мл вода (можеби ќе ви биде потребно повеќе, во зависност колку сакате бојата да ви биде силна) додајте 1-2 лажички прехрамбена боја и половина шишенце екстракт од малина и круша.

Натопете ја едната страна од праската, па другата, еднаш, два или трипати. Натопените праски наредете ги на плех обложен со хартија, за малку да се исцедат, направете 5-6 праски, па валајте ги во ситен шеќер и оставете ги во чинија обложена со хартија.

Завршените праски прекријте ги со чиста кујнска крпа или чаршав, па оставете ги преку ноќ да се исушат. Пред послужување боцнете им ливчиња и наредете ги заедно со другите ситни колачиња.

Вака приготвените топчиња може да бидат замрзнати, да се стават во еден ред врз хартија за печење, па друг ред, немојте повеќе од два реда за да не се оштетат. Затворете ги во кутија и оставете ги во замрзнувач. Може да стојат повеќе од два месеци во замрзнувач. / Сооlinarika.сom