I РЕЦЕПТ и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Лесна торта со 10 лажици ореви. Овој старински колач ќе ве воодушеви не само со едноставноста на приготвувањето, туку и со својот неодолив вкус. Потребните состојки веројатно веќе ги имате во кујна, па пробајте го овој колач.

Потребни состојки: 3 јајца, 7 лажици шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 16 лажици брашно, 12 г прашок за печиво (една кесичка) и 10 лажици мелени ореви, За крем: 800 мл млеко, 2 пудинг од ванила, 7 лажици шеќер, 2 лажици брашно, 200 г путер, 80 г чоколадо и мелени ореви за наросување.

Постапка: Во подлабок сад за матење скршете три јајца и додадете 7 супени лажици шеќер. Матете ги со миксерот додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне и побели. Потребно да миксате околу 5 минути додека да добиете кремозна светла смеса.

Во изматените јајца додадете 100 мл млеко и продолжете со матење, па додадете и 100 мл масло за готвење. Матете уште 2-3 минути, а потоа во течните состојки додадете ги сувите: 16 супени лажици брашно и 12 г прашок за печиво (најдобро е да ги просеете низ сито).

Во смесата додадете и десет лажици мелени или ситно сечкани ореви. Повеќе не ви е потребен миксер, а состојките измешајте ги со жица-маталка додека да се изеднача и да добиете хомогена смеса. Подгответе плех од рерна со димензии 30х40 см и обложете го со хартија за печење.

Излејте ја приготвената смеса во плехот, рамномерно распоредете ја и израмнете. Доколку е потребно протресете го плехот за да се изедначи израмнувањето. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути (проверете со чепкалка).

Додека се пече кората, пригответе го филот. Во тенџере на рингла ставете 800 мл млеко и додадете две кесички пудинг со вкус на ванила. Засладете со седум лажици шеќер или по вкус. Потоа додадете две полни супени лажици брашно кои ќе придонесат за подобро згуснување на кремот.

Промешајте ја смесата со жица-маталка и загревајте на умерен оган. Мешајте постојано за да не се појават грутки, сè додека да се свари кремот и да згусне. Додека сè уште е топол кремот во него додадете 200 г путер или маргарин исечен на коцки и мешајте додека да се растопи.

Кога и путерот ќе се инкорпорира во кремот, додадете 80 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте уште малку, додека да се растопи и изедначи со кремот. Сварениот крем оставете го да се олади половина час со повремено промешување за да не фати кора.

Печената кора извадете ја од плехот и оставете малку да подизлади, а потоа поделете ја на два еднакви дела, така што ќе добиете две кори. Поставете една кора врз чинија или подлога за сервирање (ако сакате корите да ви бидат посочни, тогаш натопете ги со многу малку млеко).

Врз кората нанесете половина од приготвениот фил и рамномерно распоредете го, па израмнете ја површината. Поставете ја втората кора, малку притиснете со дланките, нежно, колку да се залепи за филот, па одозгора распоредете ја втората половина од преостанатиот фил.

Одозгора наросете со мелени или ситно сечкани ореви, па оставете ја тортата во фрижидер најмалку два часа додека да се олади и убаво да се стегне. Потоа можете да ја сечете и да ја послужите. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Колач со 10 лажици ореви, јајца и пудинг, многу едноставен и многу вкусен – мора да го пробате

Потребни состојки: 5 јајца, 180 г шеќер, 200 г брашно, 1 прашок за печиво, 200 мл млеко, 200 мл масло, 10 големи лажици ореви. За крем: 500 мл млеко, 1 пудинг од ванила, 2 лажици брашно, 250 г шеќер, 250 г путер

Постапка за приготвување на кората: прво изматете ги јајцата со шеќер додека тој да се растопи и смесата да згусне, па додадете масло и млеко и на крај брашно помешано со прашок за печиво и мелени ореви (по потреба додадете уште малку брашно, проценете сами). Смесата излејте ја во помал плех обложен со хартија, па печете на 180 степени.

За приготвување на кремот: сварете пудинг со брашно и шеќер во млекото. Изладете. Путерот пенасто изматете го а потоа соединете го со изладениот пудинг. Кремот поделете го на два дела. Редење: кора, половина од кремот, кора, втората половина од кремот.На крај наросете со мелени ореви. / Coolinarika.com