Рецептот за овие лепињи ми го даде една пријателка која редовно ги подготвува за домашните. Првпат ги пробав кај неа пред неколку години, а оттогаш постојано заборавав да ѝ го побарам рецептот.




Лепињите се многу меки и вкусни, однадвор имаат крцкава кора која е многу вкусна, а однатре се меки и филувани со компир и кашкавал. За замесување на тестото не ви треба оклагија, тестото се работи со прсти и се подготвува за кратко време. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 500 мл топло млеко, 700 г брашно, 1 лажиче сол, 1 лажица шеќер, 50 мл масло, 1 лажица квасец. ЗА ФИЛ: 500 г компири (околу 5 големи компири), 200 г кашкавал, 50 мл млеко, 1/2 лажиче сол и 1 јајце за премачкување.




ПОСТАПКА: Најпрво, компирите се мијат под млаз вода и потоа по потреба се лупат. Ако користите млади компирчиња, од нив не е потребно да ја вадите лушпата и во тој случај ќе ви бидат потребни повеќе од 5 компири, бидејќи младите компири се обично мали и послатки.




Компирите се ставаат во едно тенџере, ако се многу големи може да ги исечете на помали парчиња за побрзо да се сварат. Одозгора прелијте ги со вода, покријте со капак и ставете да се сварат на рингла, додека целосно да омекнат.




Во меѓувреме, започнете да ги подготвувате состојките за тесто. Во 500 мл топло млеко на собна температура додајте 1 лажиче сол, 1 лажица шеќер, 1 лажица сув квасец и 50 мл масло. Промешајте ги состојките додека смесата да се соедини, па постепено започнете да го додавате брашното.




Замесете фино и меко тесто кое треба да биде многу меко, дури и малку да се лепи. Вака подготвеното тесто, се остава да ферментира околу 1 час, покриено под проѕирна фолија во садот каде што го замесивте, на топло место.




За филот: Компирите извадете ги од водата кога ќе се сварат, оставете ги да се оладат 2-3 минути, па потоа испасирајте ги со специјална алатка за пире. Во нив додајте 50 мл млеко, соединете, па потоа додајте 1/2 лажиче сол или по вкус. На крајот во пирето се додава 200 г рендан кашкавал и сета смеса убаво се соединува.




Пирето е потребно да го поделите на 3 еднакви делови кои е потребно да ги „спакувате“ во цврсти топчиња. Потоа преминете на подготовка на тестото.

Кога тестото, ќе стаса, префрлете го на набрашнета рамна површина и уште сосем малку замесете го додека да престане да се лепи. Тестото се дели на 3 еднакви делови. Секој дел се развлекува со раце во форма на круг, колку една рамна чинија, па на средина се става од пирето.

Потоа, со страните на тестото, се завиткува како врекичка додека да се преклопи целото топче-пире. Потоа секое тесто повторно се развлекува во истата големина, па се вдлабнува со прстите од горната страна. Секое тесто се става на плех, обложен со хартија за печење и се премачкува со 1 јајце, па се остава да одмори уште 15 минути, под хартиена фолија за печење.

Лепињите се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, додека да фатат убава коричка со златна боја. По печењето, лепињите се оставаат малку да се оладат и се послужуваат додека се топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.