I РЕЦЕПТ: Лења пита со мелено месо, вкусно јадење кое брзо се приготвува – мешаш и печеш – солена варијанта. Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss). Брзо и многу вкусно јадење, за мерак, прсти да излижеш. Питата е за чиста десетка.

Потребни состојки: 4 јајца, 1 чаша јогурт (од 180 мл), 1 шолја масло (од 120 мл), 4 шолји брашно (од 120 мл), 1 ќесичка прашок за печиво, 1 лажиче сол. За фил: 1 главица кромид, 300 г мелено месо, сол, мешан сув зачин, оригано, црн пипер. За прелив: 2 јајца, 1 чаша кисела павлака (од 180 мл).

Постапка: Во тавче на малку масло запржете го ситно сечканиот кромид и меленото месо. Додајте ги зачините, посолете, промешајте и тргнете го од оган. Потоа, убаво изматете ги јајцата, па постепено матејќи додавајте го јогуртот, па маслото.

На крај додајте го брашното претходно измешано со прашокот за печивото и солта. Смесата излејте ја во плех со димензии 20х30 цм. Израмнете и врз неа распоредете го филот од мелено месо.

Настрана во помал сад изматете ги јајцата и киселата павлака. Посолете и прелијте ја питата. Печете во загреана рерна на 200 степени околу половина час (приближно, сами оценете кога е печено).

Забелешка: Питата од фотографијата поради брзање, по грешка е правена со чаша од 140 мл за сите состојки, затоа изгледа повисока. Иако овде, во овој случај, оскудува количеството на јогурт, се покажа пред гостите како многу убава (сечена уште топла и таква сервирана) по состав-дури помислија дека е правена со пченкарно брашно (така на вкус изгледаше тестото), но дадоа една маана-да беше пониска.

Потоа увидов на мерките дека сум згрешила. Останува на вас да се држите по наведените мерки, или ако се одлучите како мене да мерите сè во иста доза, да го направите тоа со најмалата мерка или пак да го зголемите количеството на филот и преливот и да печeте во поголем плех.

Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)

II РЕЦЕПТ: Лења пита мека како сунѓер, мирисна, врв – најдобар рецепт, кој сите ќе ви го бараат – блага варијанта. Рецепт на Јелена Петровиќ од Бабина кујна – лења пита со јаболка. Оваа лења пита е врв на врвовите, со малку поинаков состав од обично. Воздушеста е, мека, мирисна и има неодолив вкус. Сите ќе ви го бараат рецептот.

Сигурно во вашиот тефтер веќе имате запишано некој рецепт за лења пита или “мрзлива” пита како што би рекле по “нашки”, но можеби ќе се одлучите да го испробате и овој рецепт на Јелена кој е многу пофален од сите.

Потребни состојки: 2 јајца, 4 јаболка, 100 г шеќер, малку цимет, кора од лимон и сок од половина лимон, 50 г гриз, 150 г брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 1 ќесичка ванилин шеќер, 50 мл масло, 100 г путер/маргарин.

Постапка: Јаболката измијте ги добро, изупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето. Во подлабок сад изматете ги јајцата со миксер додека да станат пенасти и да побелат. Во изматените јајца додајте го брашното и прашокот за печиво.

Во смесата додајте и еден ванилин шеќер, маслото, растопениот и изладен маргарин, кора од рендан лимон и исцеден сок од половина лимон. Убаво измашајте ја смесата за да се изедначат состојките во еднолична смеса.

Во јаболката додајте цимет по желба, наросете ги одозгора и со малку шеќер. Количината на шеќерот зависи од слаткоста на самите јаболка и по личен вкус. Ако се слатки доволно ќе биде да додадете 2-3 лажици шеќер. Промешајте ги со лажица.

Половина од тестото рамномерно распоредете во калап за торти кој претхоно малку сте го намастиле и сте го обложиле со хартија за печење. Намастувањето е потребно за полесно да се залепи хартијата за калапот. Користете некој помал калап или тепсија со средна величина.

Врз првиот слој тесто рамномерно распоредете го целиот фил од јаболка. најдобро прво да го нанесувате со лажица врз целата површина, а потоа да го доставите и остатокот. Израмнете ја површината, па одозгора нанесете го остатокот од тестото. Рамномерно распоредете и израмнете.

Вака приготвената пита ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. На половина од печењето, некаде после 20 минути, намалете ја температурата на 180 степени и допечете ја питата до крај.

Кога ќе се подизлади, питата одозгора наросете ја со шеќер во прав, исечете ја на коцки, баклави или на парчиња со големина по ваша желба и послужете ја. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.