Ако ви се јаде некој лесен и освежителен колач од кој нема да се онесвестите од премногу благ и масен крем, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Колачот се приготвува со шест белки (од жолките можете да го приготвите ВАНИЛИНИОТ ПРСТЕН), премногу е лесен и вкусен, пишува НМД.мк

Потребни состојки за бисквит: 6 белки, 8 полни лажици шеќер, 8 полни лажици брашно, 4 полни лажици сечкани ореви, 1 мала лажичка какако во прав. За крем од банани: 500 мл млеко, 3 зрели банани, 5 лажици шеќер, 3 лажици до врв полни густин.

За крем од ванила: 500 мл млеко, 1 кесичка прашок за пудинг со вкус на ванила, 2 лажици до врв полни густин, 6 лажици шеќер, 300 мл слатка павлака за шлаг. За декорација: 200 мл слатка павлака за шлаг, кокосово брашно, струготини од бело чоколадо

Постапка за приготвување на бисквитот: белките пенасто изматете ги во цврст снег и постепено додајте го шеќерот додека непрекинато матите. Матете уште неколку минути додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег.

Потоа додајте просеано брашно, какао и ореви, па лесно и внимателно промешајте ја смесата со лажица додека да се изедначат состојките. Смесата рамномерно распоредете ја во намастен и со брашно наросен плех/калап со димензии 24х36 см и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 150 степени 50 минути.

КРЕМ ОД БАНАНИ: бананите исечете ги на тркалца и ставете ги во тенџере заедно млекото, на оган, да зоврие. Претходно од млекото одземете 100 мл и во него разматете го густинот и шеќерот.

Во тенок млаз додајте го во врелото млеко, па сварете го кремот со непрекинато мешање на намалена температура, додека бананите и густинот убаво да се поврзат во цврст и густ крем.

КРЕМ ОД ВАНИЛА: во малку млеко разматете го прашокот за пудинг, густинот и шеќерот. Остатокот ставете го на оган, па кога ќе зоврие додајте ја оваа смеса и варете на тивок оган со непрекинато мешање додека кремот да згусне.

Оставете го на страна да се олади целосно, со повремено промешување за да не фати коричка или покријте го со фолија. На страна изматете слатка павлака, па добиениот шлаг соединете го со целосно изладениот крем. Добро изматете додека да добиете фин крем без грутчиња.

Кога бисквитот е готов, оставете го да се подизлади, па премачкајте го со кремот од банани (кој може да биде и млак). Оставете во фрижидер добро да се олади. Врз вака изладениот крем, нанесете го кремот од ванила.

Рамномерно распоредете и израмнете ја површината, па одозгора нанесете шлаг од изматена слатка павлака. По желба колачот можете да го наросите со кокосово брашно и рендано бело чоколадо.

СОВЕТ: ако сакате побогат крем, можете во него да додадете растопено бело чоколадо. Јас тоа не го направив затоа што заборавив, но следниот пат сигурно ќе додадам. Сите што го пробаа колачот многу им се допадна и ми побараа рецепт / блуес40 / Сооlinarika.com