Рецепт и видео презентација на Даниела од “Лесно е да се готви” – ЛАВА КОЛАЧ. Ова е неодолив чоколаден вулкан за кој велат дека поубав колач не постои. Со него нема грешка, бидејќи едноставно е совршен и брзо се приготвува. Идеален е за ненајавени гости, бидејќи можете да го послужите директно од рерна.
Потребни состојки за калап од 12 мафини: 240 г темно чоколадо со што поголем процент на какао. Во видеото се користи менаж чоколадо за готвење, а вие можете да користите било кое, а најдобро е некое поквалитетно, бидејќи од неговиот вкус ќе зависи и вкусот на колачите.
Може да користите и малку помалку, 220 или 200 г темно чоколадо, потоа, 250 г путер или маргарин, прстофат сол, 160 г шеќер, 100 г остро брашно (во видеото тип 400), 4 јајца. За дополнителна арома можете да ставите малку рум, цимет, ванила или инстант кафе.
Постапка: Најпрво искршете го темното чоколадо на помали парчиња и ставете го во тенџере. Додадете и 250 г путер или маргарин, исто така исечен на помали парчиња. Одвојте едно помало парче путер и со него обилно и добро намастете го калапот за 12 мафини.
Откако ќе го намастите калапот, потоа наросете го со брашно и истресете го вишокот. Ова е важно да се направи за полесно да се вадат лава-мафините откако ќе се испечат и да не се залепат. Тенџерето со чоколадо и путер ставете го на рингла и загревајте го на тиво оган.
Кога ќе се загрее, мешајте постојано додека да се растопат чоколадото и путерот, а потоа и да се соединат во течна чоколадна глазура. Растопеното чоколадо тргнете го на страна додека малку да подизлади. Четири јајца извадете од фрижидер да отстојат малку на собна температура.
Потоа скршете ги во подлабок сад, додадете прстофат сол и пенасто изматете ги со жица-маталка без употреба на електричен миксер. Додека матите постепено додадете 160 г шеќер кристал. Нема потреба од предолго матење на јајцата, доволно е додека шеќерот да се растопи.
Во изматените јајца започнете постепено да го додавате подизладеното растопено чоколадо, во тенок млаз, додека постојано матите со маталката. На крај останува да се додаде 100 г остро брашно тип 400, најдобро претходно просеано низ сито.
За да не се создаваат грутки во тестото, брашното е најдобро да го додавате постепно додека матите со маталката. За да се збогати вкусот на овој колач, во изедначеното тесто можете да додадете малку арома на рум, ванила, цимет или инстант кафе (не мора, ова се додава по желба и вкус).
Чоколадото брзо почнува да се стврднува, па затоа е потребно што поскоро да се излее во калапите. Полнете ги калапите/модлите со тестото со помош на лажица, до врв, бидејќи оваа смеса не нараснува премногу. Додека ги полните мафините, вклучете ја рерната да се загрева на 230 степени.
Во добро загреана рерна ставете ги да се печат колачите, а во зависност од рерната, доволни се само 7-10 минути за да се испечат убаво. Потребно е само да фати кора од надворешната страна, а внатре да останат сочни со течен крем. Следете го печењето на колачите.
Кога ќе започне на врвот да се формира коричка и да почне да пука, тогаш мафините се готови и вадете ги од рерна. Лава колачот (чоколадно суфле) извадете го од калапите и послужете го со топка сладолед или наросете го со шеќер во прав. Да се потсетиме: лава колачот е настанат по грешка.
Легендата вели дека францускиот готвач и шеф на кујната Жан Жорж прерано го извадил од рерна чоколадниот бисквит, а резултатот ги воодушевил сите што го пробале. Сите детали од постапката на приготвувањето можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.