Рецепт и видео презентација на Алмира од Готви и Печи: Бели коцки, ладно предјадење за сите пригоди. Овој рецепт го пронајдов во тефтерот на тетка ми, па се осмелив да го направам и не се покајав. Белите коцки се одличен избор за вкусно, богато, ладно предјадење.

Можете да го приготвувате за било каков настан, повод и пригода, а гостите ќе бидат воодушевени не само со вкусот, туку и со многу необичниот изглед. Оба е нешто како зеленчук заробен во глечер. Јас направив половина смеса, а вие можете цела доколку сметате дека ќе се потроши.

Зеленчукот исто така, можете да го прилагодите според вашите потреби и желба, на пример, да се намали количината на морковот доколку сметате дека е премногу, или на некоја друга намирница од наведените, а можете да додавате и нешто друго, по свој избор.

Потребни состојки: 600 мл јогурт, 300 г мајонез, 1 кафена лажичка сол, 80 г желатин, 150 г шунка паризер или по ваш избор, 4 кисели краставички, 4 тврдо варени јајца, 4 варени моркови.

Постапка: Морковите излупете ги, а потоа исечете ги на потенки, долги ленти за полесно и побрзо да се сварат, а потоа и такви какви што се, ќе се наредат во белиот ролат. Ставете ги во малку вода со додаток од прстофат сол и варете ги на рингла додека да омекнат.

Посебно сварете ги јајцата. Јајцата треба да бидат тврдо варени во вода во која сте додале прстофат сода бикарбона за да не испука лушпата и лажичка сол. Водата во која ќе ги ставите на почетокот од варењето треба да биде ладна. Откако ќе зоврие водата, варете ги на умерена температура 12 минути, а потоа исцедете ги од врелата вода и прелијте ги со ладна.

Кога јајцата доволно ќе бидат изладени за да можете да ги излупите, исчистете ги и исечете ги на тркалца. Киселите краставички исечете ги на половина по должина, а ако се покрупни, тогаш и на повеќе долги, а тенки делови. Ако сакате, можете да додадете и повеќе краставички.

Во длабоко тенџере ставете 600 мл јогурт и посолете со приближно половина кафена лажичка сол или по вкус, па ставете го на рингла на многу тивок оган колку малку да се загрее. Кога ќе забележите дека се загреал, додадете го желатинот и започнете да го матите со миксер.

Веднаш штом добро ќе го изматите јогуртот со желатинот, тргнете го од рингла и во него додадете го мајонезот. Повторно сè добро изматете со миксер додека да се изедначи смесата. Калапот во кој ќе го приготвувате белиот ролат, обложете го со проѕирна фолија.

Тоа треба да биде некој помал калап, а обликот е по ваш избор, можете да користите дури и калап за куглоф. На дното од калапот најпрво излејте 1-2 кутлачи од смесата со јогурт, па одозгора наредете неколку ленти шунка или друго сувомеснато (да биде на тенки ленти исечено).

Откако ќе ја наредите шунката, одозгора прелијте со нов слој мешавина од јогурт, па наредете ги тенките лентички од кисели краставички. Ако не го сакате киселиот вкус, тогаш ставете ги разредено краставичките или намалете ја нивната количина (по вкус).

Потоа прелијте со нов јогуртен слој, па следно наредете ги лентите од морков, па и нив прелијте ги со мешавината од јогурт. На крај наредете ги варените јајца исечени на тркалца и одозгора прелијте го сиот прелив кој ви преостана. Малку протресете го калапот за да се распореди рамномерно.

Израмнете ја површината и покријте го со проѕирна фолија. Вака приготвениот бел ролат се остава добро да се излади и да се стегне, па затоа е најдобро да се приготви навечер и да се остави во фрижидер преку цела ноќ, па дури следниот ден да се консумира.

Следниот ден извадете го калапот од фрижидер и превртете го врз чинија за послужување. Отстранете ја фолијата и можете да го сечете на парчиња и да го послужите. Сите детали од постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.