Компирите се една од омилените јадења, а од нив може да се направат најразлични оброци. Може да ги послужите како крцкав прилог или да ги измешате со месо, од нив да направите мусака, а во секое јадење имаат различен вкус, во зависност како се искомбинирани со останатите намирници.




Печените компири се популарен прилог, а секоја домаќинка има свој рецепт за негова подготовка. Сите тие рецепти се одлични и печените компири ќе бидат вкусни, но доколку сакате да бидат совршени, а кората да биде неверојатно крцкава, тогаш следете неколку совети кои ќе ви го овозможат тоа.




Прво, важно е да се зготват малку претходно во топла вода, тоа ќе помогне малку да омекнат рабовите, но не и да се зготват однатре. Она што на компирот ќе му направи тенка и крцкава коричка се маслото/путерот и сода бикарбоната.




Важно е компирот што го користите да има што повеќе скроб, а сода бикарбоната ќе помогне да се извади на површина што ќе резултира со крцкава коричка. Маслото/путерот помагаат да се „залепи“ за површината и на тој начин да се добие дополнителна крцкавост на кората.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 кг компири, 1 лажичка сода бикарбона, 130 г масло/путер, 2-3 гранчиња рузмарин, 3 лажички морска сол. ПОСТАПКА: Излупете ги компирите, измијте ги и исечете ги на помали парчиња (како за помфрит или на коцки). Ако парчињата се помали, компирот ќе биде покрцкав по печењето.




Истурете вода во тенџере и оставете да зоврие, а потоа додајте една лажичка сол и сода бикарбона во тенџерето. Потоа ставете ги компирите во зовриената вода и варете ги околу 15-тина минути. По изминатото време, процедете ги и оставете ги да се изладат во цедалка околу 5 минути.




Протресете малку за да се отстрани вишокот вода. За да направите нелеплив ефект, тавата или плехот во кој ќе ги печете компирите намастете го со масло или путер, па ставете го во загреана рерна на 180 степени, 10-15 минути. Доколку сакате, можете плехот да го обложите и со хартија.




Потоа, внимателно истресете ги компирите во тавата и распоредете ги, па печете ги еден час. Вртете ги на секои 15 минути или по потреба. Ставете гранчиња рузмарин и сол на плехот. Печете 7-8 минути, а потоа извадете ги гранчињата од рузмарин и ставете ги во блендер со уште малку сол.




Добиениот зачин излејте го врз компирчињата кога ќе се испечат и послужете. Компирите се печат приближно 1 час, додека да станат целосно крцкави, ќе ги проверувате од време на време. Во продолжение прочитајте уште еден рецепт, како компирите да ги направите крцкави со помош на брашно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 4-5 компири со средна величина, по вкус сол и црн пипер, 1 лажица сув зачин (вегета), 3 лажици пченкарно брашно, по потреба масло, 1/2 лажичка црвен пипер во прав.

ПОСТАПКА: Компирот измијте го, излупете го и уште еднаш измијте го под млаз ладна вода. Компирот исечете го на тркалца или како помфрит, ни претенко ни предебело. Исечениот компир посолете го и зачинете го. Додајте малку масло па убаво измешајте да се соедини. Одозгора наросете пченкарно брашно и промешајте.

Компирите распоредете ги во плех обложен со хартија за печење. Можете уште малку да наросите пченкарно брашно. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 35 минути. Компирот треба да има златна боја. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.