На овие чоко-плазма коцки никој не може да им најде мана, кремасти се и многу вкусни, мора да ги пробате. За првиот рецепт состојките се мерат со класична супена лажица, а за вториот рецепт мерките се дадени во грамови.
Понекогаш го подготвувам првиот, а некогаш вториот рецепт, погледнете ги состојките, не може а да не е вкусно. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 6 супени лажици шеќер, 3 супени лажици вода, 6 супени лажици брашно, 4 супени лажици какао во прав, 1 кесичка прашок за печиво (10 г).
За фил: 700 мл млеко, 70 г скроб/нишесте/густин, 120 г шеќер, 200 г млечно чоколадо, 125 г маргарин, 3 лажици шеќер во прав. За глазура: 100 г млечно чоколадо и уште: 100 г мелена плазма за валање на коцките
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 50 г чоколадо, 200 г шеќер, 125 г маргарин, 300 г мелени плазма кекси, 100 г мелени лешници.
За фил 1: 500 мл млеко, 2 кесички пудинг од ванила (80 г), 5 супени лажици шеќер, 125 г маргарин, 100 г еуроблок чоколадо. За фил 2: 250 мл слатка павлака, 100 г милка чоколадо со лешник
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во посебни садови одвојте ги белките од жолчките.
Белките пенасто изматете ги со миксер, па започнете постепено да го додавате шеќерот и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Потоа започнете да ги додавате жолчките, една по една.
Кога жолчките ќе се инкорпорираат во снегот од белки повеќе не ви е потребен миксерот.
Измешајте ги сувите состојки: брашното, какаото и прашокот за печиво, просејте ги и нив додајте ги на неколку наврати во изматените јајца. Овојпат мешајте со лажица или кујнска шпатула.
На крај додајте ја водата и повторно промешајте со бавни движења за да остане смесата пенлива и воздушеста.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а за тоа време обложете го плехот од рерна со хартија за печење и излејте ја смесата во него. Израмнете и потчукнете го плехот неколкупати од масата за да излезат евентуалните воздушни меурчиња.
Ставете да се пече 20 минути во загреана рерна. Печената кора оставете ја настрана целосно да се олади.
За тоа време пригответе го филот: едната половина од млекото излејте го во тенџере и тука додајте го шеќерот, а во другата половина разматете го густинат. Промешајте добро за да се растопи густинот и да нема грутчиња.
Кога млекото ќе зоврие намалете ја температура и додајте го растворениот густин, па со непрекинато мешање варете го филот додека да ја постигне посакуваната густина.
Штом се згусне додајте го млечното чоколадо, па мешајте додека целосно да се растопи. Филот претурете го во друг сад, покријте го со кеса и оставете целосно да се олади.
Кога филот ќе се олади на собна температура, а исто така и путерот ќе омекне на истата температура, пенасто изматете го со миксерот заедно со шеќерот во прав.
Потоа започнете лажица по лажица да го додавате оладениот фил. матете додека целосно да се соединат. Добиениот фил поделете го на два дела и тоа две третини со една третина.
Онаа една третина ќе биде потребна за подоцна, кога ќе се исечат коцките да се премачкуваат од страна за да можат да се валаат во мелените бисквити.
Печената кора исечете ја на половина, премачкјате ја со две третини фил, па поклопете со другата кора. Притиснете одозгора и колачот оставете го во фрижидер преку цела ноќ или најмалку 3-4 часа.
Следниот ден исечете ги коцките, премачкувајте го со обаа една третина фил и валајте ги во мелени бисквити-плазма.
Одозгора нанесете глазура и пред послужување добро оладете ги. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Изматете ги јајцата со шеќерот додека смесата да згусне, а потоа 5 минути гответе ги на пареа со непрекинато мешање. Тргнете од оган и додајте чоколадо и маргарин, па мешајте додека да се растопат и соединат.
Во чинија помешајте мелена плазма и лешници, па додајте ги во смесата и сето убаво изедначете го. Врз тацна обликувајте ја кората (основата на тортата).
За фил 1: сварете го пудингот во млеко со малку шеќер. Тргнете од оган и додајте еуроблок чоколадо и промешајте додека да се растопи. Кога ќе се олади, со миксер соединете го со изматен маргарин.
За фил 2: изматете слатка павлака, па додајте рендана милка на крупно ренде и промешајте. Преку кората нанесете го фил 1, па фил 2. Одозгора декорирајте со шлаг или рендано чоколадо.