Можете да додавате или одземате состојки/намирници по ваша желба и вкус, но испробајте го и овој начин, верувам дека ќе бидете задоволни од вкусот, совршен е. Салатата е одлична и за посни денови.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 кг варени компири сосе кора, 2 големи главици кромид, 4 китлачи супа, 1-2 лажици мајонез, 1-2 лажици сенф, сол, црн пипер, неколку лажици балсамико оцет и масло од тиква (опционално).




ПОСТАПКА: Компирите сварете ги сосе кора, излупете ги и исечете ги на кришки. Кромидот исечете го на кришки (па на третина). Измешајте ги кромидот и компирите и прелијте ги со топлата супа. Зачинете со црн пипер и сол, па додајте мајонез и сенф.

Сето лесно измешајте. Додајте малку балсамико и масло од тиква и промешајте. Оставете ја салатата да отстои, односно да се впие супата. Послужете ја салатата добро изладена со разни ладни печења или сервирајте ја како посен оброк.




Потребни состојки за 4 лица (втор рецепт): 1 кг компир, 100-150 мл маслиново масло, 1 лажица сенф, неколку лажици лимонов сок, 1 црвен кромид исечкан на коцки, 1 рака сечкан магдонос, 1 лажица сув зеленчуков зачин (вегета), сол и црн пипер по вкус.




ПОСТАПКА: Компирот излупете го и сварете го во солена вода. Додека компирот се вари, направете маринада од сите состојки (освен магдоносот). Добро измешајте и оставете на страна додека компирот да биде готов.

Варениот компир исцедете го од водата и додека е топол исечете го на дебели коцки или тркалца. Исечениот компир не чекајте да излади, туку веднаш прелијте го со дресингот и добро измешајте. На крај наросете со магдонос. Оставете да излади или уште додека е млак послужете го.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (трет рецепт): 3 средни компири, 1 поголемо стебленце праз, 200 г посен мајонез, малку црн пипер и сол. ПОСТАПКА: Компирите згответе ги со кората, изладете ги, па излупете ги и исечете ги на помали коцки.

И празот се сече на ситни парчиња, се посолува и се пасира малку со раце за да се опушти. Измешајте ги компирите и празот со мајонез, и зачинете по вкус и толку. Уживајте, оваа салата е навистина извонредно вкусна!




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (четврт рецепт, мрсен): 2-2,5 кг црвени компири, 600-700 г спанаќ, 3 стебленца праз, само белиот дел, 2 парчиња црвена пиперка, бабури, 2 лажици путер/маргарин, 1 лажица шеќер, 50 мл вода, 4-5 лажици мајонез, 4-5 лажици кисела павлака, 3-4 лажици густ јогурт, ситно сечкан власец, ситно сечкано нане…




ПОСТАПКА: Компирите убаво измијте ги и потоа сварете ги со лушпата внимавајќи да не пукнат. Сварените компири ставете ги на страна и изладете ги добро од водата. Празот измијте го, па исечете го само белиот дел долг околу 2 см. Пиперките исечете ги на половина, исчистете ги семките, испечете ги на тава или на скара, извадете им ја кожичката, па исечете ги на тенки ленти.




Стопете го путерот на шпорет и во него додајте 1 лажичка шеќер, празот и водата и пржете го празот од секоја страна околу 4-5 минути додека да се карамелизира, внимавајте празот да остане цел при вртење.

Излупете ги изладените компири и исечете ги на кришки или коцки со големина од околу 2 см. За преливот измешајте ги сите состојки, прво исечкајте го власецот, нането и други зачини по вкус, па соединете ги со мајонезот, павлаката и јогуртот. Полека соединете ја добиената смеса со компирите.




Модлата во кој ќе се реди салатата е покриена со најлонска фолија (јас користев квадрат модла со димензии 20 см.) Најпрво на дното и од страните се става една третина од спанаќот, празот и пиперките.




Декоративно би изгледало кога ќе се префрли во плех, потоа врз тој слој полека намачкајте една третина од компирите, врз компирите ставете спанаќ, праз и пиперки, повторно покријте со компири, над компирите спанаќ, праз и пиперки и последниот слој е повторно компири.




Со фолија полека ја израмнуваме површината и ставаме во фрижидер добро да се излади. Изладената салата префрлете ја во плех така што долниот дел сега ќе биде одозгора, отстранете ја фолијата и по желба може да се украси уште малку, иако без дополнителна декорација изгледа многу убаво. Салатата е многу вкусна и ја сервирам со месо кога не се пости. / Coolinarka.com