Рецепт и видео презентација на CooKing – бела чорба.

Храна за душата и телото. Вкусна и кремаста бела чорба, кралица на чорбите. Многу е вкусна и лесна, а мене ми е омилена (а јас најмногу сакам да јадам чорби). Во овој рецепт е прикажано како да направите кремаста чорба без грутчиња.

Потребни состојки: 500 г пилешко месо (бело, батаци, карабатаци), 500 г компири, 100 г моркови, 30-50 г целер, 30 г пашканат, 100-140 г кромид, сол и црн пипер по вкус, 2 лажички сув зачин, 1-2 ловоров лист, 1 јајце, 1 лажица брашно, 3 лажици кисела павлака, 1 лажичка сенф, 2 литри вода.

Постапка: Компирите убаво измијте ги, излупете ги, па исечете ги на ситни коцки. Ставете ги во длабоко тенџере заедно со една главица исчистена, корен од целер (50-тина грамови) и неколку моркови убаво исчистени (100-тина грамови), парче пашканат и ловоров лист.

Пилешкото месо исечкајте го на ситни коцки и додадете го во тенџерето заедно со зеленчукот. Посолете, додадете 2 литри вода, па тенџерето ставете го на оган, на средно-силна температура додека да проврие.

Тргнете ја пената со лажица, а потоа гответе уште половина час на пониска температура. Зачинете со пипер, промешајте и со решеткаста лажица извадете ги целерот, кромидот, пашканатот и неколку или сите моркови, па испасирајте го сварениот зеленчук заедно со 1 лажица брашно и неколку кутлачи од чорбата.

Ловоровите листови извадете ги од чорбата. Испасираниот зеленчук вратете го назад во чорбата, промешајте и продолжете со готвење уште 10-15 минути. Зачинете со 2 лажички вегета или по вкус.

Во посебен сад изматете едно јајце, посолете го и додадете 3 лажици кисела павлака и една лажичка сенф. Добро изматете за да се соединат состојките. Во смесата додадете малку од топлата чорба додека постојано матите.

На овој начин јајцето ќе се загрее постепено и нема да се свари во грутчиња доколку веднаш го ставевте во топлата чорба. Додадете ја смесата во тенџерето со чорбата и промешајте. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото: