Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Колачи со јаболка и ореви, се топат во уста. Ова е дефинитивно најдобриот колач со ореви. Колачите брзо се приготвуваат и не го чекате тестото да стасува. Колачите се многу вкусни и ровки, пробајте ги.

Потребни состојки: 600 г јаболка, 3 лажици шеќер, циемт по вкус, 200 г путер, 8 г ванилин шеќер (една кесичка), 1 лажица шеќер, 200 г кисело млеко, 400 г брашно, 5 г прашок за кесичка (една кафена лажичка или половина кесичка), 100 г ореви. Колачите се печат 20 минути на 200 степени, а додека се топли се валкаат во шеќер во прав.

Постапка: Земете 600 г јаболка (тоа се околу пет јаболка со средна величина), па добро измијте ги под млаз ладна вода, излупете ги изрендајте ги на крупната страна од рендето.  Ренданите јаболка ставете ги во тава на рингла и додадете три супени лажици шеќер.

Зачинете со прстофат цимет во прав (или вие колку сакате да ви биде интензивен мирисот на цимет) па пропржете ги јаболката 10/тина минути додека да омекнат и да испари течноста која ќе ја испуштат. На крај треба да добиете кашесто пире од јаболка.

Во посебен сад исечете на помали парчиња еден несолен путер од 200 г и оставете да омекне на собна температура. Во него додадете 8 г ванилин шеќер (една кесичка), една супена лажица обичен шеќер и 200 г кисело млеко, па измешајте со лажица за да ги соединете состојките.

Во оваа смеса додадете 400 г просеано брашно и 5 г прашок за печиво (половина кесичка), па соединете ги со рака. Месете го тестото додека да се изедначат состојките. На крај треба да добиете мазно тесто кое лесно се обликува под прстите.

Во измесеното тесто додадете 100 г мелени ореви. Продолжете со месење за да се распоредат оревите рамномерно во тестото. Топката тесто истресете ја врз набрашнета работна површина и со помош на оклагија и дланките развлечете тенка кора со дебелина од 0,5 см.

Формирајте ја кората да добие правоаглеста форма па исечете ја на ленти со широчина од 4/5 прсти. Долж средината од секоја лента рамномерно распоредете го филот од јаболка. Потоа секоја лента затворајте ја како да ја „закопчувате“ со прстите и убаво притиснете за да се залепи тестото.

Потоа притиснете одозгора со дланките повторно да се добие плочестиот изглед. Постапката повторете ја со секоја лента поединечно, а потоа исечете ги на помали парчиња со величина по ваша желба (со должина од приближно 4 см или по ваш избор).

Секое парче дополнително формирајте ако за тоа има потреба и редете го во големиот плех од рерна обложен со хартија за печење. Рерната добро загрејте ја на 200 степени, па ставете ги колачите да се печат околу 20 минути. Внимавајте да не ви изгорат.

Печените колачи извадете ги од рерна и оставете ги неколку минути да се подизладат. Потоа додека сè уште се топли, валкајте ги обилно и убаво од сите страни со шеќер во прав. За сите колачи ќе ви биде потребно околу 100 г шеќер во прав. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.