Постојат многу рецепти за гриз колач со ореви и јаболка, од кои сите се многу сочни и лесни за подготовка. Овие старински колачи се најубавото нешто што се приготвува кога ќе дојдат есента и зимата, мирисаат убаво и се топат во уста, се послужуваат на секоја пригода, слава, роденден и други празници.

„Едноставен и брзо подготвен колач, гарант не сте подготвувале ваков досега. Нема да ви треба вага, наместо тоа, користете чаша од 200 мл. Испробајте го и верувам дека ќе ви стане омилениот колач“, вели Валентина презентирајќи го овој преубав колач. Еве кои состојки ви се потребни:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 јајца, 1 шолја шеќер, 1 шолја млеко, 1/2 шолја масло, 1 шолја пченичен гриз, 1 шолја мелени ореви, 2 шолји рендани јаболка, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер.

ЗА ГЛАЗУРА/ФИЛ: 1/2 чаша млеко, 1/2 чаша шеќер, 125 г маргарин, 150 г чоколадо, 1 чаша мелена плазма или измелени бисквити, 1 чаша мелени ореви.

ПОСТАПКА: Најпрво во еден сад се подготвува смесата за кора. Во еден подлабок сад ставете 3-4 јајца, во зависност од нивната големина и започнете да ги матите со најмалата брзина на миксерот, додека да станат пенасти. Постепено започнете да додавате 1 шолја шеќер, додека непрекинато матите со миксерот.

Додајте 1 шолја млеко, 1/2 шолја масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 1 чаша пченичен гриз и потоа изматете ја смесата со миксерот до соединување на состојките. Додајте 1 шолја мелени ореви, па потоа додајте 2 чаши рендани јаболка.

Соединете ги состојките со помош на шпатула додека смесата да стане еднолична. Вака подготвената смеса се остава да отстои околу 10-тина минути додека гризот да набубри. Во плех, обложен со хартија за печење (плехот треба да биде како тој од рерна), се намастува и се наросува со малку брашно.

Потоа, се излева смесата и рамномерно се распоредува. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, а потоа ставете го колачот да се пече на истата температура, 30-35 минути. Проверете со чепкалка дали е добро печен.

По печењето, колачот се остава малку да се олади, а во меѓувреме се подготвува глазурата која се прелива врз колачот. Колачот треба да се остави да олади околу половина час.

ЗА ГЛАЗУРА: Во тенџере се става 1/2 чаша млеко, 1/2 чаша шеќер, 125 г магарин и тенџерето се става рингла која се вклучува да се загрее на средна кон ниска температура. Во смесата додајте 150 г чоколадо, а кога течноста ќе почне да се вари, фино промешајте и соединете ги состојките.

Додајте ја плазмата и исто толку мелени ореви. Фино измешајте ги состојките, па додека глазурата е топла излејте ја преку колачот. Преку глазурата може да наросите мелени ореви и се остава колачот фино да се олади, пред да се послужи. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.