Старинскиот колач со кокос и гриз е познат со децении наназад кога го подготвуваа нашите мајки и баби, кога бевме деца. Отсекогаш ми бил многу вкусен, а денес се прави на истиот начин како што се правел порано, нема некои посебни измени, освен во соодносот на состојките, кој не менува многу.




Овој колач е најбрзиот, највкусниот и најевтиниот колач кој го правам секогаш кога ќе ни се најават некои гости. На сопругот му е омилен, а тој не е многу по благото, но овој колач многу го сака и јаде по половина тепсија. Се подготвува за 30-тина минути, а може и за помалку. Еве што ви е потребно да го направите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМОТ: 1 литар млеко, 100 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 7 лажици гриз, 200 г кокос. ЗА БИСКВИТОТ: 3 јајца, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 мл јогурт, 100 мл масло, 2 лажици какао во прав, 200 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво.




ПОСТАПКА ЗА КРЕМОТ: Во едно поголемо тенџере сипете 1 литар млеко, ставете го тенџерето на рингла и почекајте млекото да се загрее. Во загреното млеко (кога ќе биде млако) додајте 100 г шеќер и 2 кесички ванилин шеќер, промешајте и почекајте млекото да зоврие.




Во зовриеното млеко додајте 7 лажици гриз и добро измешајте. Бидејќи млекото ќе почне да се надигнува по зовривањето, исклучете ја ринглата или ставете го тенџерето на друга, ладна рингла за да не ви претече. Добро измешајте го гризот до соединување, па кога млекото малку ќе спласне варете уште 1-2 минути со постојано мешање.




На крајот додајте го 200 г кокос, измешајте, поклопете го тенџерето и оставете на страна да се лади. Во меѓувреме подготвувајте го бисквитот.  За бисквит, претходно не мора да ги одвојувате белките од жолчките, можете наеднаш да ги изматите целите јајца. Важно е јајцата и јогуртот да бидат на собна температура.




Во еден подлабок сад скршете ги трите јајца и изматете ги пенасто со миксер. Додајте 100 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Кога шеќерите ќе се растопат во јајцата, со непрекинато матење на миксерот, постепено додајте 200 мл јогурт, па кога ќе се соедини додајте 100 мл масло.




Кога ќе добиете мазна и еднолична смеса, преку сито, просејте 2 лажици какао во прав, па потоа 200 г брашно, измешано со 1 кесичка прашок за печиво. По додавање на сувите состојки, смесата може да ја соедините со шпатула или со миксерот, вклучен на најниска брзина, за смесата да не спласне.




Плех со приближни димензии 30х20 см обложете го со хартија за печење или намастете го со малку масло. Половина од смесата за бисквитот излејте ја во вака приготвениот плех и добро израмнете ја. Треба да се добие баш тенок слој кој ќе биде рамномерно распореден низ целиот плех.

Претходно вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени и испечете ја тенката кора во загреана рерна многу кратко, околу 10-тина минути, колку да се зафати коричка. Повремено проверувајте ја коричката, да не ви загори, кај мене се печеше 10 минути првиот слој, а кај некои може и помалку, ако имате појака рерна.




Извадете го колачот од рерна, излејте ја белата смеса за кремот, израмнете, а одозгора излејте го и вториот дел од смесата за бисквитот. Вратете назад во рерна на уште 15-20 минути на истата температура, никако на посилно за да не се пресуши или изгори бисквитот.

Изладете го колачот за да се стегне за да добиете убаво исечени коцки, а пред послужување прелијте го со глазура. За глазурата ќе ви бидат потребни 100 г чоколадо за готвење и 4 лажици масло.

Растопете ги состојките на пареа, па прелијте врз колачот и оставете го во фрижидер или на ладно место, да се стегне глазурата. Одозгора декорирајте со кокос. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.