Овој колач може да се приготви и со ореви или лешници или комбинација по ваша желба.

Потребни состојки:

8 белки
8 лажици шеќер
250 г мелени кикирики
4 лажици брашно
1 лажичка прашок за печиво

за бела глазура:

250 г бело чоколадо (најдобро Милка)
2 лажици масло

за крем карамел:

12 лажици шеќер
250 г маргарин/путер
8 жолчки
250 г несолени кикирики

Чоколадна глазура:

250 г темно чоколадо
2 лажици масло

Постапка:

Изматете ги белките во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Мелените кикирики помешајте ги со брашното и прашокот за печиво.

Додадете ги внимателно во белките со превртување на лажицата или жицата вртејќи ја смесата од долу. Потребно е да остане пенлива.

Вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја во обложен плах со димензии 30х25 см и ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени околу 30 минути, во зависност од рерната.

Изладете ја печената кора, па прелијте ја со растопено бело чоколадо. Внимателно размачкајте врз целата кора и оставете да излади.

Осум лажици шеќер растопете ги на оган за да добиете карамел. Внимателно мешајте додека шеќерот се топи за да не ви загори. Додадете маргарин и мешајте додека и тој да се растопи и соедини со шеќерот.

Жолчките изматете ги со преостанатиот шеќер, па и нив додадете во растопениот маргарин со шеќер. Убаво промешајте и соединете, па додадете ги кикириките (мелени или исечкани по желба).

Мешајте на тивок оган додека да згусне, па тргнете од оган и оставете да излади. Кога кремот ќе биде млак тогаш нанесете го врз слојот од бело чоколадо.

Ако кремот го ставите додека е топол, тогаш чоколадото ќе се стопи и ќе се измеша со кремот. Оставете да излади и да се стегне. Можете да го оставите во плехот во кој се печеше кората.

На крај растопете го чоколадото со масло на водена пареа и прелијте преку кремот од кикирики, па оставете заедно да се стегне и убаво да излади пред сечењето.