Ова е многу едноставен и фин колач, залиен со малку сируп, а направен со многу љубов за татко ми. Тој не сака торти, ниту колачи со филови, туку токму вакви, залиени со сируп колачи…
Потребни состојки: 6 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 1 чаша гриз, 1 чаша масло, 1 чаша рендани јаболка, 1 чаша мелени ореви, 1 прашок за печиво. За сируп: 1,5 чаша вода, 2 чаши шеќер
Постапка: Јајцата не треба да ги делите на белки и жолчки. Само изматете ги со шеќерот додека да добиете пенаста смеса. Потоа додајте масло и продолжете да матите.
Брашното, прашокот за печиво и гризот измешајте ги заедно, па додајте ги во смесата од јајца и повторно малку изматете. Додајте ги оревите, малку изматете и на крај додајте ги ренданите јаболка.
Убаво промешајте да се изедначи смесата. Тепсија со димензии 37х23 см (или приближно) намастете и набрашнете, па излијте ја во неа приготвената смеса. Печете го колачот во загреана рерна на 190 степени околу 35 минути.
Сварете го сирупот и изладете го. Сирупот може да го направите пред да го ставите колачот на печење. Кога колачот ќе се испече, оставете го неколку минути и потоа полијте го со изладениот сируп.
Напомена: овој колач не е сочен како баклава, туку само влажен, а кој сака да му биде повеќе сочен колачот, нека свари повеќе сируп. Моите шолји беа од 200 мл, но можете да користите шолји и од 250 или 300 мл, само мерете ги сите состојка во иста шолја.