7 days кроасаните се многу вкусна закуска. Ги има со чоколадно полнење и ванила крем. Меки се како душичка… Но, ова не е реклама за нив, туку само интересен рецепт за колач кој се приготвува токму со овие кроасанчиња.

Доколку сте љубители на нивниот вкус во комбинација со пудинг од ванила, чоколадо и плазма… (само замислете го вкусот на сите состојки заедно), тогаш ова е токму рецептот за вас кој треба да си го запишете.

Можете да пронајдете рецепти во различни варијации на оваа тема, а тоа најмногу зависи од креативноста на сам(иот)ата готвач/ка. Еден од рецептите го имавме објавено и можете да го прочитате ОВДЕ.

Потребни состојки: 1 литар млеко, 3 пудинг од ванила, 1 лажица густин/нишесте/скроб, 200 г шеќер во прав, 250 г путер/маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 300 г плазма кекси, 2 големи кесички кроасани (едно со чоколаден, а вторите со ванила фил).

Ќе ви биде уште потребно: 2 кесички шлаг, 1 шлаг крем од ванила (или чоколадо) за декорација и малку млеко за натопување на кроасаните и плазма кексите

Постапка: Одземете малку од 1 литар млеко и разматете ги пудинзите, густинот и шеќерот, а остатокот од млекото ставете го на оган. Кога ќе зоврие намалете ја температурата, па додадете ја разматената смеса со постојано мешање додека да се згусне.

Тргнете го на страна да се олади и покријте го со фолија за да не се зафати коричка. Кога ќе се олади пудингот, пенасто изматете го путерот кој претходно омекнал на собна температура, па лажица по лажица во него додадете го филот и постојано миксајте додека целосно да се соединат.

Добиенито крем поделете го на два дела. Едниот оставете го да биде жолт, а во вториот додадете растопено чоколадо и промешајте. Плазмата натопете ја во млеко па редете ја во калап (плех со средна величина). Врз основата од кекси излејте го жолтиот фил.

Потоа натопувајте ги кроасаните, па и нив редете ги врз жолтиот фил и тоа: еден црн, еден жолт… за да биде шарено. Врз кроасаните излејте го чоколадниот крем, а врз него двата шлага. Шлаг кремот изматете го доколку сакате да декорирате со шприц.

Совет: Ако случајно филот ви излезе редок (многу зависи од квалитетот на пудинзите), слободно додадете мелена плазма додека да се зфусне колку што сакате вие.

Coolinarika.com