Ако имате 5 слатки јаболка, не пропуштајте да го приготвите овој одличен колач, кој освен што многу лесно и едноставно се приготвува, многу е освежителен, кремаст и се топи во уста. Можете да го приготвите за секаква пригода и да ги изненадите вашите најмили.

Потребни состојки: 5 јаболка Златен делишес, 1,5 литар вода, 3 пудинг од ванила, 9 лажици шеќер, околу 200 г бисквити петит. За декорација: 250 мл млеко и 2 шлаг во прав

Постапка: јаболката излупете ги, исечете ги на поголеми парчиња и ставете ги да се варат во 1,5 литар ладна вода во која сте додале 9 лажици шеќер. Кога ќе зоврие, намалете го огнот и варете додека јаболката да омекнат, односно, кога ќе ги боцнете со виљушка, парчето треба да се распадне.

Со решеткаста лажица извадете ги јаболката во посебен сад и изг-мечете ги за да добиете пире. Во малку вода (неколку лажици) разматете го пудингот во прав и додајте го водата во која се вареа јаболката. Гответе на умерена температура со постојано мешање додека да згусне.

Во варениот пудинг додајте ги изгмечените јаболка, промешајте и изедначете ја смесата. На дното од среден плех за печење (или калап по ваша желба), наредете еден ред бисквити, па прелијте со врелиот крем. Кога ќе излади декорирајте со шлаг и наросете со чоколадни трошки.

Во зависност од тоа колку сакате да ви биде висок колач, можете да го направите во неколку слоеви и да искористите повеќе бисквити. Доколку сакате, можете да наредите два слоја бисквити: бисквити, фил, бисквити, фил, шлаг. Шлагот за декорација изматете го според упатството на кесичката.

II РЕЦЕПТ Бабин колач од јаболка: најдобриот и најлесниот рецепт

Иако ова е доста популарен рецепт – многумина веќе го користат, голем број си имаат и свои помали или повеќе доработени верзии, но сепак ќе го објавиме. Ако ништо друго, да ги потсетиме оние што го подзаборавиле. Наједноставниот колач за приготвување од јаболка.

Потребни состојки: 3 јајца, 12 лажици шеќер, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 15 лажици брашно, 1 прашок за печиво, ½ кг јаболка, шеќер во прав за наросување, цимет

Постапка: направете смеса од јајца, шеќер, брашно, масло, млеко и прашок за печиво. Најдобро е најпрво да ги изматите белките со постепено додавање на шеќерот, па кога ќе добиете цврст снег, постепено да ги додадете една по една жолчките, додека непрекинато матите.

Можете и цели јајцата да ги изматите со шеќерот, но потребно е подолго да матите. Потоа додајте го маслото, па млекото, и на крај брашното со прашокот за печиво. матете со најмала брзина на миксерот или изедначете ја смесата со внимателно мешање со лажица или шпатула.

Изматете со миксерот најпрво со послаба брзина, а потоа и со појака додека да се разбијат сите грутчиња и смесата да стане хомогена и мазна

Јаболката изрендајте ги и по желба додајте цимет (некои не ставаат). Половина од смесата за тесто излејте ја во калап со помала величина (25х20 см), претходно намастен и набрашнет. Ставете да се пече 15-тина минути во претходно загреана рерна на 180 степени.

Потоа извадете го плехот од рерна, па врз кората наредете ги ренданите јаболка, а врз нив втората половина од смесата, па вратете во рерна и печете уште 10-тина минути, додека убаво да се запече и да зарумени и горната кора. Печењето секако, прилагодете го според вашата рерна. Печениот и изладен колач наросете го со шеќер во прав. / Сооlinarika.com

III РЕЦЕПТ Брзо, лесно, неодоливо: Старински колач од јаболка – Едноставен колач од јаболка кој не се пече!

Потребни состојки: 1,4 кг јаболка, 1 сок од лимон, 300 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1/2 лажичка цимет, 1 лажица рум, вода, 1 пудинг од ванила, 1 пудинг од чоколадо, бисквити за подлога (количината зависи од тавчето), малку варено кафе за натопување на долниот ред бисвити, 1 шлаг и ореви или лешници за декорација.

Постапка: околу 1,4 кг јаболка измијте ги, излупете ги и изрендајте ги. Во ренданите јаболка додајте сок од еден лимон, 300 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер и половина лажичка цимет во прав (или по желба, ако не сакате – не ставајте). По желба додајте и малку рум (околу 1 лажица).

Смесата од јаболка прелијте ја со 400 мл вода и ставете на оган. Откако ќе зоврие, смесата гответе ја уште 5-10 мин ути со постојано мешање. Потоа смесата поделете ја на два еднакви делови. Во едната половина додајте разматен пудинг од ванила, а во другиот пудинг од чоколадо.

Секој од пудинзите разматете го со по 100 мл ладна вода, а потоа додајте го во смесата од варени јаболка. Секој сад посебно вратете го на оган и сварете го додека убаво да згусне. Кексите кратко натопувајте ги во ладно кафе (или млеко или сок од портокал) и редете ги на дното од калап (35х20 см).

Наредете по 4 бисквити во 3 реда, па одозгора прелијте го врелиот крем од ванила. Израмнете, па наредете нов ред кекси (3х4), па одозгора прелијте го чоколадниот крем. Одозгора наросете малку сечкани лешници. Наредете трет слој бисквити, претходно натопени во кафето.

Кога колачот ќе се олади на собна температура, на страна изматете 2 инстант шлага со 220 мл газирана вода или млеко, па премачкајте го колачот, израмнете и одозгора наросете го со мелени лешници, ореви или по желба. Пред послужување добро изладете (барем 2 часа). Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.