Колач од белки и сечкано суво овошје е совршен за да се насладите истовремено со шолја од вашиот омилен напиток, па уште повеќе да го зголемите уживањето. Можете да го послужите како секојдневен колач, но и за некоја свечена пригода.

Овој колач е одличен доколку ви преостанале белки што најчесто се случува кога приготвувате некој нежен крем од ванила или сладолед на пример. Но, овој колач е толку многу вкусен, што вреди да го направите специјално токму него, без да ви „преостанале белки“.

Потребни состојки: 6 белки, 120 г брашно, 200 г шеќер во прав, 100 г сечкани ореви, малку суво грозје, брусница и суви смокви, малку лимонова кора (или портокал)

Постапка: белките со прстофат сол пенасто изматете ги ги со миксер. Потоа постепено започнете да додавате шеќер и матете додека да добиете цврст и сјаен снег од белки (а шеќерот целосно да се растопи).

Матете најмалку 10-тина минути. Ситно исечкајте ги оревите (никако не ги мелите) со нож на даска (или на „сечко“), а лимоновата кора ситно изрендајте ја.  Брашното и сечканите ореви измешајте ги.

Потоа постепено додавајте ги во снегот додека полека мешате со лажица. Во оваа фаза не ви е потребен миксер, бидејќи смесата треба да остане пенлива и воздушеста. Пред крајот додајте ја и ситно ренданата кора од лимон или портокал.

Додајте и малку ситно сечкано овошје по желба. Калапот за куглоф добро намастете го со малку путер, па излејте ја смесата во него и убаво, рамномерно израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени.

Колачот се пече брзо, за околу 15-20 минути, но секако мора да проверите со чепкалка дали доволно е печен (доколку излезе сува чепкалката, значи дека е колачот е готов). Почекајте неколку минути да се подизлади, па извадете го колачот и послужете го.

СОВЕТ: Колачот е одличен и само со ореви, но наместо ореви можете да ставите брусница или некое друго суво овошје. Може да направите и комбинација што вам ви одговара. Дури, можете да користите и свежо овошје, перфектен е вкусот. Пробајте го и шарениот солен колач со белки.

Шарен солен колач од белки

Потребни состојки: 6 белки 120 мл млеко, 100 мл масло, 250 г брашно, 80 г шунка или салама, 80 г сирење, 80 г варен морков, 80 г грашок, 5-6 црни маслинки, прстофат сол, 1 кесичка прашок за печиво

Постапка: шунката, морковот и сирењето исечкајте ги на малечки коцки. Маслинките исчистете ги од семките. Правоаголен калап со приближни димензии 30х11 намастете го со путер или маргарин и наросете го со брашно.

Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Белките со прстофат сол изматете ги пенасто во снег. Потоа исклучете го миксерот и додајте ги млекото и маслото и измешајте ги со жица или голема лажица/шпатула.

Потоа додајте го брашното и пецивото просеани низ сито и убаво измешајте со шпатула. Сега додајте ги и останатите состојки, шунката, сирењето, морковот, грашокот и маслинките. Додајте и малку сол по вкус, зависно колку ви е солено сирењето.

Измешајте ја смесата да се изедначи, истурете ја во калапот и израмнете со лажица. Ставете го да се пече околу 35-40 мин и оставете го уште 5-6 мин во исклучена рерна. Печениот солен колач послужете го откако ќе олади.

Колачот е декоративен, вкусен и останува мек до третиот ден. Колачот може да се пече и во помал калап, да се сече на коцки и да се декорира со кисела павлака и зеленчук по желба.