Прашањето кое сите сега си го поставуваат е – како коронавирусот ќе влијае врз здравјето кога ќе започне сезоната на грипот.
Многумина се загрижени како ќе се однесува коронавирусот врз здравјето кога ќе започне сезоната на грипот. Одговор на ова прашање бараше и битанскиот дневен весник Гардијан.
Барбара Рат од Универзитетот Нотингем смета дека најголемиот проблем ќе се јави при дијагностицирањето за кој вирус станува збор – дали пациентот има грип, коронавирус или некое друго респираторно заболување.
“Губитокот на сетилото за вкус и мирис не е својствен само за коронавирусот. Ќе ни бидат потребни најдобри дијагностички тестови за да ја воочиме разликата помеѓу вирусите.
На здравствените работници ќе им биде потребна подобра заштитна опрема за да можат да ги третираат пациентите кои имаат коронавирус”, укажала Рат.
Не е познато ни тоа како коронавирусот се однесува во присуство на други вируси. Јан Мекеј од Универизтетот во Квинсленд предупредил дека едно лице може да се зарази истовремено со два или повеќе вируси. Дали ова се однесува и за коронависрусот?
“Знаеме дека со коронавирус може да се зарази и лице кое има грип. Прв таков случај беше 44 годишниот Филипинец во Кина кој ја изгуби битката со болеста. Она што не го знаеме е дали грипот дополнително ја влошува здравствената состојба на пациентот кој има корона вирус. Загрижувачки е што споменатиот Филипинец беше младо лице”, истакнал Флоријан Крамер од Медицинската школа во Њујорк.
Лекарите од болницата Тонг во Вухан соопштија дека коронавирусот во овој дел од светот се појави во јануари и февруари, во момент кога постоеше и сезонски грип.
Тие нагласуваат дека имало пациенти кои истовремено биле заболени и од коронавирус и од грип. Предупредуваат дека таквите пациенти имаат поголеми оштетувања на срцето и посилни воспаленија. Голем број од нив не ја издржале болеста и ги изгубиле животите.
Постои загриженост дали ќе има доволен број болнички кревети за сите оние на кои им е потребна лекарска помош, без разлика дали станува збор за луѓе заболени од грип, коронавирус или од двата.
Експертите советуваат благовремено вакцинирање против грип. Тврдат дека вакцинацијата е делотворна кај 70% од вкупната популација која ќе ја прими.
Најлошите прогнози се доколку овогодинешниот грип се појави во нов облик. Тогаш не може да помогне ниту вакцината чие производство за новиот облик би траело околу половина година.
Постои и добра вест, а тоа е можноста за создавање на вакцина која би штитела од сите соеви на грип. Таквите вакцини се развиваат веќе со години, но не се доволно испитани. Експертите сметаат дека причината за ова лежи во тоа што само големите компании имаат можност да ги прават, а не се заинтересирани бидејќи тоа би значело замена на сите постоечки вакцини кои мора да се купуваат повеќепати.
Тестирањето на “универзалната вакцина” одлучи да го финансира Европската Инвестициска Банка (ЕИБ). Израелската компанија Биондвакс на 1.јули оваа година објави дека за “универзалната вакцина” во 2019 година тестирале 12.400 лица. Резултатите од тестирањето би требало да бидат познати кон крајот на оваа година.