Кифли меки како душа, рецепт со кој не можете да згрешите, излегуваат памук меки. Фотографии и рецепт на Зорка Јанчева – Кифли со кисело млеко, памук меки како душа. Тестото многу лесно се замесува и двапати се остава да кисне по половина час, а после стасувањето тоа е еластично и многу лесно за обработка.

Излегуваат доста кифли во зависност од големината со која ќе ги приготвувате, но верувајте дека една доза секогаш ќе ви биде малку. Можете да правите две или три дози одеднаш, а вишокот кифли што ќе ви остане можете да ги замрзнете. По потреба вадете ги и одмрзнете ги.

Тие ќе бидат вкусни и меки исто како и првиот ден кога сте ги направиле. Млекото и киселото млеко му даваат многу нежна мекост на ова тесто, а дополнето со белките од јајцата добиваат инзвонредно неодолив вкус. Додека кифлите се печат, целиот дом ќе ви мириса прекрасно.

Потребни состојки: 250 мл кисело млеко, 250 мл обично млеко, 1 коцка свеж квасец (40 г), 4 лажици масло, 1 лажица сол, 1 лажичка шеќер, 1 цело јајце, 3 белки, 1 кг брашно, 200-250 г путер на собна температура за премачкување на корите. За фил: сирење или по желба

Постапка: Загрејте го млеко да биде млако, па во него издробете го квасецот, додадете лажичка шеќер и малку брашно, па промешајте да се раствори шеќерот и да нема грутчиња. Оставете 10-тина минути колку што е потребно за да се активира квасецот и запени.

За тоа време затоплете го и киселото млеко да биде неутрално млако (или пред подготовката оставете го најмалку еден час на собна температура, да не е ладно веднаш од фрижидер), па додадете го активираниот квасец и останатите состојки.

Со постепено додавање на брашното замесете убаво меко тесто. Најпрво мешајте со лажица, а на крај сработете го тестото со рака. Оставете го покриено во намастен сад да стасува околу половина час на топло. Кога ќе стаса истурете му една лажица масло и премачкајте го.

Премесете го колку да се инкорпорира маслото во тестото, но не премногу за да не стане жилаво. Повторно покријте го и оставете го да стасува уште половина час додека убаво да нарасне и да го удвои својот волумен. Потоа тестото е подготвено за работа.

Можете директно од него да кинете парчиња и да формирате топчиња, но најдобро е ако уште на почетокот го поделете на онолку топчиња колку што ќе сакате да правите кифли, со големина исто така по ваша желба. Формираните топчиња редете ги на намастена површина.

Топчињата развлекувајте ги со помош на оклагија во долгнавести кори со овална форма, па преку цела површина намастувајте ги со путер омекнат на собна температура. Путерот дополнително ќе ги омекне кифлите и ќе им даде лисната форма (ќе се разлистуваат).

На едниот крај засекувајте ги со неколку линии, но не до крај за да добијат изглед на “гасеница” (како што е прикажано на фотографиите), а на другиот крај ставете фил и виткајте ги кифлите. Можете да ги виткате и во други форми, како цвет, ќевречиња или фенерчиња, на пример.

Вака приготвените кифли редете ги во плех обложен со хартија и оставете ги да стасаат. Потоа премачкајте ги со јајце или жолчки изматени со малку млеко или јогурт, наросете ги со сусам по желба и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 10-15 минути.

Кога се печени можете да ги покриете со памучна крпа додека да подизладат неколку минути, ако можете да се воздржите. А потоа можете да ги послужите топли или ладни, секако се премногу вкусни и меки како душа. Фотографии и рецепт на Зорка Јанчева.